Финализирањето на патниот и железничкиот Коридор 8 е предизвик и нешто на кое сме силно фокусирани во овој период. Нашата цел е со регионалните партнери, Бугарија, Албанија и Италија овој Коридор да го позиционираме во единствениот Коридор на Западен Балкан. Поради тоа планираме инвестиција од преку една милијарда евра само во железничката мрежа, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешниот панел за Кластерот 4.
Како што истакна Бочварски, ова било и темата на која пред два дена во Брисел разговарал со еврокомесарката за транспорт.
-Во текот на разговорите со еврокомесарката воедно побаравме и поддршка од европските фондови во оваа фаза на преговори, напомена министерот.
Во однос на приоритетите поврзани со кластерите 21 и 4, е, подвлече Бочварски, и алатката „е-транспорт“ која овозможува посебна граѓанска контрола врз внатрешниот и меѓународниот превоз на патници.
-На Коридорот 10 работиме на постапките за воведување интелигентен транспортен систем (ИТС) кој подразбира имплементација на мерки за поголема безбедност и информации за возачите во реално време. Во 2023 година е предвидена тендерска постапка и имплементација на ИТС, рече министерот.
Тој се осврна и на зелената агенда, нагласувајќи дека се најавени измени во Законот за градење со кои ќе се поедностави постапката за поставување фотоволтаици, како за физичките така и за правните лица.
-КОВИД пандемијата не натера да делуваме регионално и С. Македонија во тој дел беше првата земја што воспостави „зелени коридори“ со држава членка на ЕУ, за брз и навремен транспорт на стоките и услугите, потенцира Бочварски.
Пред него се обрати министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, а дебатата ја отвори вицепремиерот Бојан Маричиќ.