МИЦКОСКИ НА ПРАЗНИЧНАТА ПРОСЛАВА: За да се пишуваме Македонци гинеле мажишта

/ 23.10.2018

Пред  точно 125 години се роди организацијата, се роди чуварот на Македонија во едни исклучителни околности, на тежок живот, на секојдневни грабежи, палежи, мачења, убиства врз Македонецот и сите народи кои живееле на овие простори, време на поробена Македонија веќе 5 века претходно, но и со многу повеќе сили кои, кон Македонија имале и свои аспирации, свои интереси, со свои задачи и цели спротивни на интересите на луѓето кои живееле на овие простори, од прадедо до дедо, од татко на син.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Македонскиот народен театар, каде партијата го одбележува Денот на македонската револуционерна борба.

-Ова парче земја било посакувано од многу туѓи сили, но највеќе било сакано од својот народ, кој се жртвувал, спротивставувал, кревал востанија, буни, спроведувал акции, но и бил жестоко поразуван, угнетуван, но одново и одново се кревал од пепелта, и повторно истиот круг, на страдања и борба, се додека не се постигне целта, а целта била Слободна Македонија. И под едни такви тешки услови, каде цената за сопственото мислење и борбата за самооределување неретко се плаќала и со сопствената глава, и во такви невозможни околности на репресија и страдања, сепак ова парче земја раѓало херои, синови и ќерки кои го земале бајракот, се простувале од семејствата и тргале во борба. Оваа слобода денес не е подарена, таа е скапо платена од нашите претци кон кои ние имаме обврска и завет, оваа земја е натопена со крв, страдања и човечки судбини кон кои ние се поклонуваме, рече тој и додаде:

„Еден од апостолите на македонската борба Гоце Делчев ќе рече: ,,Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесрекен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија? Треба да се просвети и организира народот, да му се влее вера во неговите сили, да разбере како може да се оттргне од ропството и мизеријата-да му се отворат очите“. И кога ќе ги погледнете оние стари црно бели фотографии кои сведочат за историските времиња ќе видите изнамачени луѓе, но со храброст, смели сонувачи за идејата за своја земја, за своја слобода која природно ни припаѓа, ќе здогледате решителност која сигурно во тоа време кај некои нивни современици била оценета како лудост, и нешто што е невозможно. Но, се е возможно, времето потврдило дека е така. Или како што е кажано, за да се пишуваме Македонци гинеле мажишта, за името Македонец низ вековите се страдало, за Македонија брат на брата кревал рака, другар со другар се делел, и чедо од мајка се двоело. Во добрини и искушенија, во радост и жал гордост е да се родиш, живееш и да умреш за Македонија“.

Ова наше, подвлече Мицкоски, македонско “верују” беше официјализирано пред точно 125 години на 23 откомври во Солун во куќата на Христо Батанџиев преку формирањето на Македонската Револуционерна Организација која е најсилното движење на Македонците за ослободување и најсветлиот чувар на огнот за македонска држава, во која свој белег дадоа генерции и генерации храбри луѓе и кои со своето делување помогнаа за она што го имаме денес.

-И оние кои денес сакаат на сила да не оквалификуваат нас, кои како партија сме наследници на тоа движење, за антизападно ориентирани, ќе ги упатам нека погледнат најдобро во корените и во нашата историја. Организацијата во својата суштина е формирана со цврста верба кон западно ориентирните сили и вредности, и додека во регионот имале такви кои барале царства, монархии, ВМРО барала Република, напишала статут и Устав по моделот на САД, затоа што оваа организација била формирана од напредни припадници на македонската граѓанско движење, од Докторот Христо Татарчев кој се школувал во Берлин и Цирих, од книжевникот и трговец Иван Хаџи Николов кој се школувал во Австрија, од учителот Христо Батанџиев, од публицистот Петар Поп Арсов, Дамјан Груев кој се школувал во Солун Белград и Софија, и Андон Димитров кој се школувал право и правни науки во Цариград и во Лиеж, Белгија, потенцираше и кажа:

„Токму овие луѓе го започнале најмаркантиот дел од македонската историја низ која минале огромен број личности сите со своја улога, големина и значење, со многу подеми и падови, ВМРО низ кои се изродиле водачи и оставиле трага, луѓе како Гоце Делчев, Карев, Сандански, Пере Тошев, Чакаларов, Ѓорче Петров, Александров, и многу други. ВМРО е секој Македонец и тоа не е ексклузивно право на одредени луѓе, тоа му припаѓа простум на секој родољуб кој ја сака и почитува својата земја, бидејќи В.М.Р.О постоело и кога не постоела Македонија затоа што оваа организација е пред се народот“.


Од истата категорија