Дарко ЈАНЕВСКИ
Една пролет, пред многу години, решив да бидам домаќин така што ќе посадам малку кромид. Отидов на пазар, купив, ископав парче од дворот, прашав кого треба да прашам како оди таа работа и, речено – сторено. Кромитчето, чија судбина беше однапред предвидена – да се измеша со марула и варени јајца и така да се претвори во пролетна „Мимоза“ – беше одредена.
Арно ама, помина времето кога кромитчето требаше да се појави над земјата, а него го немаше. Помина уште некој ден – го нема. Уште малку – пак го нема. Кога конечно, еден светол ден за мене и за мојата земјоделско-легачка душа, тоа почна да никнува.
Сепак, настрана радоста за овој мој успех, остана да ме мачи зошто токму кај мене кромитчето доцнеше со никнување. Кога доволно порасна и почнав да го корнам – дилемата беше разрешена: сум го посадил наопаку, па наместо нагоре, кромитчето прво тргнало, два-три сантиметри, да расне надоле, кон внатрешноста на земјата, за потоа да се извитка како ченгел и да тргне нагоре – кон Сонцето. Затоа и доцнело. За да го направи ченгелот и да го најде вистинскиот пат кон површината на земјата, му требало време.
Како и да е, уникатното кромитчето израсна но, криво насадено-криво и изникна.
Е сега, отприлика вака ќе биде и со најавената борба против корупција во Македонија. Во Северна не е проблем само корупцијата, туку целиот систем на правната држава. Таа едноставно не постои, распадната е, и оттука произлегува и корупцијата од највисоко до најниско ниво. Согласно на тоа, ако во Македонја го занемарите целокупниот правен систем и се концентрирате само на корупцијата – тоа докажува дека или не знаете да се борите со неа или глумите дека наводно се борите против злото. Со други зборови, акцијата однапред е осудена на пропаст.
Тоа значи дека за да успее било каква борба против корупцијата, Македонија мора да профункционира во сите сегменти, од подрумот на зградата до највисоката точка на нејзиниот покрив, како правна држава.
Како тоа да се стори? За почетокот, би можело да се констатира дека изборот на Џафери за претседател на Собранието во 2017 година беше изведен на криминален начин. Од оваа констатација на западњаците им се крева косата на главата, но тоа е тоа – изборот на Џафери беше најобичен пуч во државата и тригер дека кога тоа е можно со поддршка на моќните сили, секој од таа пучистичка гарнитура може да прави што сака – од пајакот што ја удри онаа цајканката која потоа дури и се извинуваше па избега во Германија, па се до највисоките форми на криминал.
Понатаму, може да се констатира и неуставноста на веќе забораването СЈО, чија иницијатива се уште стои во фиоките на Уставниот суд. Ова е болна точка за Западот, бидејќи неговите амбасадори, сите до еден освен шефот Бејли, се сликаа со бандата на Катица, но повторно – тоа е тоа. Или сакате правна држава или ќе го добието моето кромитче извиткано како ченгел Да не зборувам за тоа дека клуч за успехот на ова е враќање на довербата на иницијаторите на оваа акција кај народот.
Нема да биде ништо кусо, попрво би се рекло „услов без кој не се може“ (ова би требало да го напишам на латински, но ај да не се правам многу паметен) и ако со кривичен прогон завршат сите обвинители од тоа славно СЈО кои земаа по 100-тина илјади евра бонуси. Ова, колку да се почне со нешто, односно да се почне со изградба на правната држава од нула. И да се врати довербата на народот во иницијаторите.
За изградба на правната држава нема да биде никаква штета и ако се се распушти сегашниот состав на Уставниот суд на чело со Кацарска и се избере нов состав, таков каков што бара Уставот – од истакнати правници. Може да биде проблематично на кој начин би се сторило тоа, Уставот е прилично рестриктивен за вакво нешто, но кога се сака, се се може, па макар ако треба и со смена на Уставот.
Еден од клучните пробеми на нашата правна држава е и фактот што третата власт, судската, е без никаква контрола. Системот со Судскиот совет се покажа како нефункционален, како што е нефункционален и системот со Советот на обвинители. Впрочем пред само неколку дена оставка поднесе претседателката на Судскиот совет поради судската бизнис елита на која и пречела. Всушност, третата власт е незваисна, но изостанува системот на cheсk and balance за чие воспоставување навистина ни е потребна помош, бидејќи ние, намерно или не, не се покажавме некадарни.
И на крајта, едно прашање- како тоа странците ќе ни помогнат во борба со корупцијата, ако на власт останат истите тие кои тие ги инсталираа и ја доведоа до ова ниво?. Македонија има МВР, има Јавно обвинителство, има премиер кој го избира министерот за внатрешни рбаоти и Собрание кое го избира тој премиер, а патем го назначува и ЈО на Македонија. Како некој воопшто замислува борба со корупцијата при постоење на истите актери кои ја создале до овие ендемски размери?
Своевремено, Никола Груевски сакаше во Македонија да го донесе италијанскиот антимафијашки обвинител Франческо Мандои. Имав можност со него да направам интервју. Се разбира, комуњарите на нож ја дочекаа идејата на Груевски и тој од нејзе се откажа. Истите тие комуњари, меѓу нив и многумина финансирани со американски пари за кои амбасадорката Агелер бара отчет, денес немаат никаков проблем со американската идеја. Тој двоен аршин, вграден кај „удбашите“ и нивните наследници финансирани од надвор е видлив и во нефункционирањето на Македонија како правна држава.
Оттука, се чини, ако намерите на Американците се чесни, тогаш треба да одат многу повнатре во македонското општество од обичната борба со корупцијата. Македонија треба да се справи прво со себе си, да се справи со комуњарскиот ментален склоп, да се справи со олигарсите кои од заднина купуваат, потплаќаат, водат политика и со нивните дресови за секоја партија… со еден збор, Македонија мора да се доведе во ред во сите сфери, за да може да се справи и со корупцијата. Едноставно, во Катар, за да се игра фудбал, најпрвин изградија стадиони. Можно ли е тоа овде? Вака како што е најавена целата работа – чисто се сомневам. Но, ајде да видиме. Во крајна линија полошо не може да биде. Или, може?