Преносот и дистрибуцијата на струја ќе поевтини од Нова година. По шестмесечните жалби на граѓаните дека овој трошок во сметките често е повисок од трошокот за потрошена електрична енергија, Владата попушти.

Слично како и на тендерот на ЕВН за струја за домаќинствата, на тендерите на МЕПСО и Електродистрибуција на кои се бара електрична енергија за покривање на загубите за пренос и дистрибуција, ќе учествува и ЕСМ со субвенционирана, а со тоа и многу пониска цена од онаа на берзите, соопшти ексклузивно за Анализа на ТВ 24 министерот за економија Крешник Бектеши.

Дали ќе поскапе струјата, ќе се знае за две недели, откако компаниите кои учествуваат во формирањето на цената ќе ги достават пресметките до Регулаторна комисија. Засега е јасно дека сметките за струја ќе се зголемат за 5 отсто, оти данокот на додадена вредност ќе се корегира од 5 на 10 проценти. За опозицијата, ова е погрешно.

Освен третиот блок на РЕК Битола, во моментов сите поголеми капацитети за производство на електрична енергија во земјата се во функција. Тоа, според Бектеши, создава простор цените кои ЕСМ треба да ги понуди кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, кон Електродистрибуција и кон МЕПСО да бидат со пониска цена од берзантската.