Скопската епархија ги смирува духовите кои се појавија по одредени информации дека немало да се погребува на големите христијански празници.
Во соопштението од епархијата се наведува дека таквата можност била само разговарана по барање на свештенството од епархијата со претставници на акционерското друштво „Бутел“ но финална одлука не била донесена.
„По барање на дел од свештенството од Скопската епархија да не се извршуваат погребенија на празникот на светиот Николај Чудотворец, во саботите на Духовденската и Митровденската задушница, како и на првиот ден на Божик и на Велигден , беа остварени средби со раководството на АД „Бутел“ на кои се разговараше за таа можност но конечно таква одлука не беше донесена. Поради Одредена меѓусебна некоординираност од некого било погрешно пренесено дека таква одлука веќе има и дека на 19.12.2022 не треба да се извршуваат погребенија а како последица на тоа дојде до несаканите случувања“, се наведува во соопштението од скопската епархија од каде уште еднаш посочуваат дека било само разговарано не и одлучено и дека погребите ќе продолжат да се извршуваат секојдневно како и до сега.
Од друга страна пак, извори од Скопската епархија што ги консултираше телевизија 24 велат дека одлука за непогребување на Божиќ и на Велигден имало од поодамна но не се применувала стриктно, и дека таа не е од теолошка туку од практична причина. Тоа што сега се барало да нема погреби и за Свети Никола, тоа било поради тоа што оваа слава во скопската епархија била најбројна па свештениците немале време за обредите и да осветуваат славски лепчиња и да погребуваат.
Инаку на гробиштата Бутел освен за една задушница годинава не се погребувало ниту во неделата ниту во понеделникот а им било кажано дека немало да погребуваат и на Божиќ. Оттаму велат дека ваквата можност доколку би била на ниво на одлука, би им претставувала проблем поради малиот капацитет од само 18 ладилници за чување на телата на покојните.