Од бројните настани во Македонија во 2022 година, претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев издвојува два. Првиот, позитивен, што за првпат во историјата, божиќното послание на Вселенскиот патријарх е објавено и на македонски јазик. Втора е се’ понагласената економска, општествена и морална ерозија на државните институции и се’ поприсутните дезинформации и манипулации, посебно од владејачката елита и нејзините приврзаници, вели Коцарев во интервјуто со новинарот Љупчо Цветановски во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа.

„Македонија е во агонија веќе подолго време, а евроинтеграциите процеси сѐ повеќе се претвораат во непредвидлива авантура. Нам, на Македонците, реалноста полека ни се лизга низ прсти – уценети, и однадвор и однатре, животот на сите нам, освен на дел од владејачката елита, сенишно ни поминува покрај нас: ние сме само неми, безлични и бесцелни набљудувачи на нашиот живот што не го живееме, а истовремено се чувствуваме беспомошно гледајќи како Македонија се расчеречува, се раздробува, се распарчува и се разнебитува“ – пренесува академик Коцарев.

Од мноштвото дезинформации во 2022 година, претседателот на МАНУ издвојува две.

„Па така исказот: „Ние сега дебатираме дали сакаме македонскиот јазик, …, да биде официјален јазик на ЕУ, како македонски јазик без никакви додавки“ е манипулација. Македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ тогаш кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа нема да се случи на денот кога ќе започнат пристапните преговори, тоа нема да се случи ниту на денот кога ќе се потпише Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, туку на денот кога сите членки на ЕУ ќе го ратификуваат Договорот за пристапување. Така Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, ќе треба да се ратификуваат во Собранието на Република Бугарија.

Еве го и вториот пример: „Им честитам на сите македонски граѓани за официјалниот почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ“. Меѓутоа, во Протоколот јасно пишува дека „следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако … “. Оттука, ако во Протоколот пишува: “комплетирање на фазата на отворање на преговорите“, тоа значи дека преговорите де јуре и де факто сѐ уште официјално не се започнати, ги посочува двете најголеми владини лаги во 2022-та претседателот на МАНУ во предновогодишното интервју за Алфа.