Македонија се расчеречува, се раздробува, се распарчува и се разнебитува, вели академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, во предновогодишното интервју за „Што не е јасно“ на ТВ Алфа. Повикува и на обединување на македонските политичари за спас на Македонија, уценета одвнатре и однадвор, но е свесен дека на лукративните, самобендисани, арогантни и неуки македонски политичари нема да им биде едноставно да се откажат од власта. Во интервјуто со новинарот Љупчо Цветановски, академик Коцарев ги детектира и најголемите лаги на власта во 2022-та година и упатува остра критика кон претседателот Пендаровски кој целосно е ставен под капата на владејачката СДСМ и работи против македонизмот. Првиот човек на МАНУ дава и оценка за Преспанскиот договор, ценејќи дека таканаречената капитулација во Нивици е целосно парадоксална и бесмислена од повеќе аспекти.

 Цветановски: Македонија во 2022-та, како би ја оцениле годината која минува?

Академик Коцарев: Од бројните настани во Македонија во 2022 година ќе издвојам две, првиот: за прв пат во историјата, божиќното послание на Вселенскиот патријарх е  објавено и на македонски јазик, и вториот се понагласената економска, општествена и морална ерозија на државните  институции и се поприсутни дезинформации и манипулации, посебно од владејачката елита и нејзините приврзаници.

Македонија е во агонија веќе подолго време, а евроинтеграциите процеси  сѐ повеќе се претвораат во непредвидлива авантура. Нам, на Македонците, реалноста полека ни се лизга низ прсти – уценети, и однадвор и однатре, животот на сите нам, освен на дел од владејачката елита, сенишно ни поминува покрај нас: ние сме само неми, безлични и бесцелни набљудувачи на нашиот живот што не го живееме, а истовремено се чувствуваме беспомошно гледајќи како Македонија се расчеречува, се раздробува, се распарчува и се разнебитува.

Од мноштвото дезинформации во 2022 година, ќе издвојам две, па така исказот: „Ние сега дебатираме дали сакаме македонскиот јазик, …, да биде официјален јазик на ЕУ, како македонски јазик без никакви додавки“ е манипулација.  Македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ тогаш кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа нема да се случи на денот кога ќе започнат пристапните преговори, тоа нема да се случи ниту на денот кога ќе се потпише Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, туку на денот кога сите членки на ЕУ ќе го ратификуваат Договорот за пристапување. Така Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, ќе треба да се ратификуваат во Собранието на Република Бугарија.

Еве го вториот пример: „Им честитам на сите македонски граѓани за официјалниот почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ“. Меѓутоа, во Протоколот јасно пишува дека „следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако … “. Оттука, ако во Протоколот пишува: “комплетирање на фазата на отворање на преговорите“, тоа значи дека преговорите де јуре и де факто сѐ уште официјално не се започнати.

Цветановски: Освен што стана предмет на владини манипулации, кои и самиот ги спомнавте, нашиот македонски јазик стана и средство за поткусурување, негации и навреди од страна на официјална Софија, политичари, научници и политиканти. Вистината е далеку од нивните прокламации. Еве, бугарски јазик наспроти македонски јазик?

Академик Коцарев: Државите имаат две клучни карактеристики: прво, почнуваат да се формираат кон крајот на 18 век во точно определен момент во времето, и второ, тие претставуваат  организиран политички систем со суверенитет над определен простор. За разлика од државите, јазиците имаат просторна и временска димензија, при што се зборува за просторно-временски јазичен континуум. Така, за разлика од државите кои се формираат во точно определено време и имаат точно дефиниран суверенитет на определен простор, јазиците се формираат во период од повеќе стотици години, многу пред формирањето на државите и не познаваат граници. Со терминот држава е поврзан и терминот „литературен, државен или национален јазик“ – поим што се формира во точно определено време и важи на определен простор.

Македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет, како впрочем и сите други јазици, за што постојат многу докази од 9 до 20 век, а дел од нив може да се најдат на веб-страниците на МАНУ, УКИМ и на други места. Историјата на македонскиот јазик е поделена на девет периоди: од канонски период од 9 до 11 век, преку четвртиот период, почетокот на македонски книжевен јазик (појавата на т.н. дамаскини) во 16 век, и осмиот период – првата стандардизација на современиот македонски јазик (Мисирков од 1903 г.), до последниот, деветтиот период на конечната стандардизација (1944 и 1945 г.).

Научниците во Софија тврдат дека кодификацијата на македонскиот јазик е водена од „политички мотиви“, но не го забележуваат фактот дека бугарскиот јазик е, исто така, конструиран во одреден политички контекст. За бугарскиот јазик, овој контекст е крај на отоманската ера и првите години по создавање на нација-држава во 1878 година. За македонскиот јазик, тој процес се одвива во југословенска Македонија, пред и по создавањето „национална“ република. И во двата случаја станува збор за јазично планирање: не постојат „природни“ национални, државни јазици.

Во однос на близината на македонскиот и бугарскиот јазик, постојат редица примери за блискоста на два јазика, при што легитимноста на секој од нив никогаш не е оспорувана, иако се многу послични од македонскиот и бугарскиот јазик. На пример, за разлика од српскиот /хрватскиот /босанскиот /црногорскиот, кои може да се категоризираат како иста (иако полицентрична) норма заснована врз штокавскиот мегадијалект, бугарскиот и македонскиот се засноваат на два географски оддалечени говори, кои се разликуваат по многу лингвистички карактеристики.

Цветановски: Небулозниот поим кој го наметна еден поранешен премиер, а го глорифицира и стави во погон т.н. Комисија за историски и образовни прашања. „Заедничка историја.“ Нелогичен и научно неоснован поим, зборуваме за  заедничка историја наспроти споделени места на меморијата?

Академик Коцарев: Балканот бил и останал крстосница на народи и култури, дестинација на масовни миграции на народите, област каде што коегзистираат христијанството (православното и католичкото), исламот и јудаизмот. Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, па оттука може да се зборува за „споделени места на меморијата“ на балканските народи, но не и за „заедничка историја“. Дел од македонските политичари и историчари, поради неукост, алчност, сервилност и понизност, за жал, се заплеткаа и се вовлекоа во замката наречена „заедничка историја“, што веројатно ќе доведе до целосно разнебитување и исчезнување на Македонците. Еве што за пристапот на Бугарија кон независна Македонија, пишува бугарскиот историчар Чевдар Маринов во книгата „Македонското прашање од 1944 до денес“ (првпат објавена во Франција, во 2010 година, а преведена на македонски јазик во 2013 година): „Иако прво во светот, признавањето на македонската независност од страна на Бугарија е самото по себе двосмислено. Набргу по чинот на Владата, претседателот Желев изјавил дека Бугарија ја признала само ‘политичката творба’ наречена Република Македонија. Желев додал дека неговата земја никогаш нема да ги признае македонската нација и јазик. Така, претседателот и другите политичари од Сојузот на демократските сили (СДС) започнале да ги повторуваат постулатите од времето на Живков: македонската нација е ‘создадена вештачки’ и тоа врз база на бугарската народност, која постоела во Вардарска Македонија. Македонскиот јазик е бугарски дијалект, изменет под свесно наметнатото српско влијание. Сепак, двете држави би имале ‘заедничка историја’, а ‘жителите’ на Република Македонија би требало да ги признаат ‘фактите’ и ‘историските реалности’“.

Меѓународното право ги регулира основните односи меѓу државите и народите во меѓународната заедница. Од меѓународните повелби и конвенции произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен, јазичен и номинален идентитет. „Мирот на Вестфалија“ од 1648 година се смета за најголем настан во меѓународното право. Тој го воспоставува сегашниот меѓународен правен поредок во кој независни суверени субјекти познати како „национални држави“ имаат еднаков суверенитет, без оглед на големината и моќта, дефинирани првенствено со неповредливоста на границите и немешањето во внатрешните работи на суверените држави.

Појавата во 19 век на политичката идеологија „национализам“, во којашто луѓето почнаа да се гледаат себеси како граѓани на одредена заедница со изразен етнокултурен идентитет, дополнително го зацврсти концептот на националните држави и нивното формирање, и во тие рамки го наметна прашањето за тоа што, всушност, претставува суверенитетот на една држава. Дел од суверенитетот на една држава го вклучува ексклузивното право на државата да ги регулира своите внатрешни работи: религијата, јазикот, националноста и, соодветно на тоа, образовниот систем, вклучувајќи ја и историската наука.

Цветановски: Можно ли е, воопшто, помирување на различните истории? Да или не? 

Академик Коцарев: Кога зборуваме за историјата на Балканот и на балканските народи, веројатно има толку вистини (толкувања на настаните) колку и народи, ако не и повеќе. Процесот на помирување на различните истории на Балканот се наоѓа токму на почетокот и веднаш наидува на пречки. За Македонците, за жал, најстрашен е неукиот и сервилен однос, не само на македонските политичари туку и на македонските историчари, актуелните македонски „експерти“ на заедничката Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, токму оние кои треба и од кои се очекува да ја промовираат историската вистина.

Ќе илустрирам со два примера зошто нема потреба од „заедничко чествување“. Македонската историја треба да се перципира во рамките на заедничките европски и цивилизациски придобивки, како и сите други истории.

Христијанските просветители и мисионери Кирил и Методиј се духовни лица, кому не може да им дадете националност и да ги присвоите. Затоа, Денот на светите браќа Кирил и Методиј, 24 Мај, треба да го одбележуваат, не само Македонија и Бугарија туку сите словенски држави и народи. Заедничките чествувања се европски и цивилизациски придобивки, па затоа треба да се прават врз еднаква основа, со почитување на различните перцепции и без наметнување на сопствениот наратив врз наративот на Другиот, што за нас би значело без повреда на достоинството на Македонците со условувања и уцени.

Повеќедецениските истражувања на академикот Цветан Грозданов и дописниот член на МАНУ Сашо Цветковски, покажаа дека најголемиот број икони и фрески со портретите на Св. Климент и Св. Наум се наоѓаат во Македонија, помал број во Грција, Костур и Верија, во Албанија, околу Корча и Москополе, како и во Србија, во деловите кои низ историјата влегувале во границите на Охридската архиепископија. Од друга страна, во Бугарија не се откриени сликани претстави на Св. Климент, Св. Наум и Св. Јован Владимир, од средновековниот период (X – XV век) и од периодот на доцниот среден век (XVI – XVIII век). Сè до 19 век, во Бугарија, Св. Климент и Св. Наум не се славени, ниту сликани во црквите, тие не биле земани за патрони и заштитници, па апсурдно е тоа што официјалната бугарска политика во изминатиов период ја присвојува традицијата која воопшто не била негувана и прифатена кај нив.

Средината, која овие светители ги сметала за свои и во која се почитувале и се славеле култовите кон нив, тоа го изразувала сликајќи ги нивните ликови во црквите, сметајќи ги и прифаќајќи ги за свои патрони, заштитници и покровители, и на тој начин, очекувано, тие станале дел од традицијата и културниот идентитет на таа средина и на тој народ. Со други зборови, Св. Климент и Св. Наум се извори на македонската традиција и македонскиот идентитет. Тогаш, се наметнува прашањето: Зошто, воопшто, е потребно нивно заедничко чествување? Во контекст на одговорот на прашањето би истакнал, според мене, еден значаен податок. Најстариот универзитет во Бугарија, формиран во 1888 година, го добил називот Софиски универзитет „Св. Климент Охридски“, во 1905 година. Не негирајќи го правото секој да ги именува своите институции, ако се има предвид дека на денешната ситуација ѝ претходат вековни осмислени дејства, процесот на воспоставување искрени, добронамерни и достоинствени соседски односи меѓу Македонија и Бугарија, според моето мислење, ќе биде долготраен.

Времето не дозволува да се осврнам на анализите и ставовите на другите светски и македонски познавачи на историјата на Балканот, но тука, сепак, би ги издвоил ставовите и текстовите  на повеќе академици и на многу други професори, кои се многу  подобри познавачи на историјата од мене, а, во суштина, го резимираат претходнонаведеното.

Цветановски: Преспанскиот договор или спогодба, следуваше по бугарскиот, но ги отвори „чакрите“ на првиот. Ова е пример за преседан во светски договор, една самокапитулација, срам и самопоништување на еден народ. Како најдобро би ја опишале,  како нелегална, неуставна или како бесмислена?

Академик Коцарев: За многу светски и македонски правни експерти, Преспанската спогодба е нелегална и неуставна, но бидејќи не сум правник, денес нема да зборувам за нејзиниот правен аспект, туку за нејзината парадоксалност и бесмисленост од поинаква гледна точка.

Современите тенденции во дефинирањето на културата и културното наследство на една нација исклучуваат секаква ексклузивност во определување на одликите, историјата, културата и наследството на одредена територија. Оттука, не само што овој Договор е ненаучен и бесмислен, туку тој иритира затоа што, прво, се мешаат археологијата и историјата во решавање на спор на две современи држави, второ, се дефинираат одликите на историјата и културата и наследството на еден географски регион од антиката до денес како „наша‟ и „ваша‟ и „особено различна“ само врз основа на современите граници, и трето, однапред се  дефинира толкување и интерпретација на историјата, културата и наследството од антиката до денес во рамките на двете држави.

Да се потсетиме, според член 7, став 1, од Преспанската спогодба: „Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините ‘Македонија’ и ‘македонски’ се однесува на различен историски контекст и културно наследство“, така што кога Првата страна, Грција, ги користи овие термини, тие „ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“ (член 7, став 2). Меѓутоа, во однос на Втората страна, Македонија, „овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став 2“.

Во врска со писмото упатено до претседателот Обама во 2009 година, би сакал да споделам еден цитат од трудот со наслов „Чија е Македонија, чиј е Александар?“ од професорот на Универзитетот Оксфорд Андреас Вили, објавен во реномираното списание “The Classical Journal” во 2009 година: „Така, …, нема причина зошто на современите словенски Македонци не треба да им се дозволи да продолжат да ја нарекуваат својата земја „Македонија“ и да се гордеат со Александар Велики. како што прават современите елински Грци. Што е важно дали Александар „бил Грк, а не Словен“, се додека никој не го тврди спротивното?“

Членот 7 од Преспанската спогодба е парадоксален и во однос на Македонците што живеат и работат во периодот од 19 до 20 век, во северниот регион на денешна Грција. Да замислиме дека Гоце Делчев во текот на неколку месеци повеќепати ја минувал денешната граница меѓу Грција и Македонија. Според Преспанската спогодба, во периодите кога тој бил во северниот регион на денешна Грција, Македонецот Гоце Делчев имал елински идентитет, додека во периодите кога тој престојувал во границите на денешна Македонија, неговиот македонски идентитет бил „особено различен од оној наведен во член 7, став 2“. Така, за илустрација, да претпоставиме дека во текот на еден ден, македонскиот корифеј Гоце Делчев ја преминал стотина пати денешната граница меѓу Грција и Македонија, што, според Преспанската спогодба, значи дека само во еден ден тој стотина пати го сменил својот идентитет. Каква парадоксална и бесмислена спогодба?

Цветановски: Во македонскиот случај се наметнува прашањето за природното право и позитивното право и нивното нарушување со двата договори?

Академик Коцарев: Природното право подразбира систем од природни и вродени човекови слободи и права, додека позитивното право опфаќа систем од правни норми, право во примена и право изречено со судски пресуди. Историјата на човештвото изобилува со голем број примери за нарушување на овој сооднос: придобивките од природното право (слободата, еднаквоста и братството) и укинувањето на ропството во 1794 година, во Франција, траеја само осум години – во 1802 година, ропството беше повторно воведено од Наполеон за потребите на определена класа граѓани во француските колонии.

До 2018 година, за повеќе од 130 земји во светот, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји, за четири од петте постојани земји-членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, САД, Русија и Обединетото Кралство) и за седумнаесет земји на ЕУ26 (Австрија, Бугарија, Естонија, Ирска, Италија, Литванија, Луксембург, Малта, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Финска, Хрватска, Чешка и Шведска), ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија. Меѓутоа, со потпишаните договори со Грција и со Бугарија, соодносот меѓу природното право и позитивното право се наруши, па, така, Македонија не само што стана уставно недефинирана конституција и спорна територија туку природните права на Македонците, нивното право на самоопределување, нивниот национален идентитет и нивниот јазик се доведоа во прашање, до работ на постоењето и на чекор до целосно исчезнување. На пример, за Универзалната декларација за човековите права (донесена од Генералното собрание на Обединетите нации, во 1948 г.), некои познавачи на природното право ќе речат дека е „првата умна заедница на природното право и позитивното право“, додека, пак, невклучувањето на природното право на Македонците во договорите со Бугарија и со Грција, за жал, резултира во обезличување и дестабилизација на Македонија. Аргументите од типот „природните права се вродени и непроменливи, па, така, не можат да бидат предмет ниту на закони ниту на договори“, не се издржани. За меѓународната заедница, договорите со Грција и со Бугарија се важечки, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем што ќе го отсликуваат суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија, па, така, за сите други, освен за нас самите, ние ќе бидеме народ без историја и ќе зборуваме на бугарски дијалект (кој, по 1945 година, се именува како македонски јазик).

Цветановски: Преспанскиот договор, познат како капитулацијата во Нивици, го избриша и буквално “поплочи“ со плочки по споменици периодот на македонската антика. Јас честопати велам дека ова се плочкари, не политичари, затоа што истото мислат да го сторат и со средновековието, Самоил и светците. Антички Македонци наспроти Македонците денес?

Академик Коцарев: Во книгата „Замислени заедници“, Андерсон зборува за трите парадокси на нацијата: (1) современост наспроти древност: нациите, за објективните мислители, се современи институции, додека, за националистите, тие имаат далечно, по можност, античко минато; (2) универзалност наспроти посебност: нацијата е универзален социокултурен концепт, проследен со непосредна специфичност на нејзините конкретни манифестации; и (3) моќност наспроти слабост: нацијата е придружена со „политичката“ моќ на национализмите, наспроти нејзината филозофска непотребност, па дури и непостоење. Според Андерсон, националната свест е модерен концепт. Меѓутоа, тоа сфаќање, иако општоприфатено во студиите за нацијата и национализмот, не влијае врз националната историографија на Балканот.

Тоа што дел од македонските политичари и историчари не го разбираат, или го разбираат, но го занемаруваат и го запоставуваат, заради сервилноста кон помоќните, е тоа дека балканските држави во 21 век, кога станува збор за национализмот, не се отидени подалеку од 19 век. Оттука, е бесмислено тврдењето дека денешните Македонци од Македонија и од Грција се потомци на античките Македонци, но, не само тоа, туку и: „етничката, генетската и културната врска меѓу денешните Грци и античките Грци, или денешните Бугари и степското племе Бугари по кои се именувани, е толку далечна и посредна што ниту една модерна политичка заедница не треба да бара монопол врз Александар Македонски или Самуил, а камоли да ги ограничи другите врз основа на тоа право во однос на името, знамето и државните симболи на државата“ (Александар Павловиќ). Дел од суверенитетот на секоја држава вклучува ексклузивно право на државата да ги регулира нејзините внатрешни работи: религијата, јазикот, националноста и, соодветно на тоа, образовниот систем, па оттука, иднината на Македонија не треба да зависи, на пример, од учебникот по историја за седмо одделение.

Европската Унија, од една страна, не треба да ги поддржува националните фрустрации на Грција и Бугарија, но, од друга страна, македонските политичари и историчари, треба еднаш засекогаш да престанат со нивното сервилно и понизно однесување. Ако на некои држави, надвор од Унијата, им се стеснуваат основните права до степен на самоуништување, додека на други, во нејзиниот состав, им се зајакнува нивната ексклузивност, тогаш тоа сигурно не е во „духот на демократијата, почитувањето на човековите права и основните слободи и достоинството“.

Цветановски: Преспанскиот договор хронолошки беше втор, но го влоши и Бугарскиот кој и онака беше политичко-правно едностран. Еруптираше со фамозниот Француски предлог, кој ја промовираше бескрајната безрбетност на македонските властодршци. Половина година потоа, како ги оценувате македонско-бугарските односи?

Академик Коцарев: Денешните односи меѓу Бугарија и Македонија историски гледано се обременети од три работи: (1) трите изгубени вооружени војни за освојување на територијата на денешна Македонија, (2) неуспешните обиди за асимилација на македонскиот народ во минатиот век, (3) тековната четврта (психолошка/хибридна) војна започната од Република Бугарија против истиот народ и територија.

Пред речиси еден век, во статијата „Самоопределението на Македонците“, објавена на 25 март 1925 година, Мисирков ќе напише: „Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас… Најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е, меѓутоа, полната слобода во самоопределувањето на Македонците“.

Каква е состојбата денес? Србија одамна го призна просторниот и милениумскиот континуитет на македонскиот јазик и идентитет. Неодамна,  Светиот Собор на СПЦ едногласно ја прифати автокефалноста на МПЦ – ОА.

Што се однесува до Бугарија, таа има проблем со историјата и со јазикот на македонскиот народ, додека Грција  со терминот „Македонија“ и нејзините деривати. Нивните проблеми денес се решени. Грција го постигна тоа што го бараше токму со Преспанската спогодба: термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, што, впрочем, е потврдено и во ООН. Бугарија, пак, го постигна тоа што го бараше со Протоколот: Бугарија да ја надгледува и пишува историјата на македонскиот народ, а како последица на тоа, македонскиот јазик да стане дел од бугарскиот, тргнувајќи од официјалниот став на Бугарија: „Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’, одвоен од бугарскиот“.

Термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција. Но, за жал, не само за меѓународна употреба.

Мене ми се познати само два државни документа со кои се забранува употребата на терминот Македонија. Првиот документ, од 25 март 1903 година, е наредбата на султанот Абдул Хамид II со која се забранува употребата на називот „Македонија“. По повод цензурирањето на Библијата, на пример, весникот „The Times Dispatch“ од 5 јули 1903 година, на страница 3, пишува: „Американската библиска издавачка куќа, задолжена за печатење на Светата книга, официјално беше спречена од турскиот цензор, кој го забрани зборот ‘Македонија’ во посланијата на апостолот Павле и инсистира истиот тој да биде заменет со ‘Вилаетите Солун и Монастир’ за да дозволи да се печати Библијата“. Вториот документ е Решение на министерот за правда на Република Македонија со кое се забранува употребата на името „Македонија“ при регистрација на правни субјекти. Така, на пример, во Република Македонија, стотина години подоцна, Министерството за правда забрани невладиното здружение „Млади за Македонија“ од Гевгелија да го содржи името „Македонија“.

Цветановски: Како врвна македонска научна институција, повеќе од логично е што се борите за македонскиот јазик и Македонија. Тоа е и поентата на вашето постоење како МАНУ. Би рекол ви стои во „опис на работното место“. Но, ова очебијно пречи некому, па добивате и редица обвинувања на ваша адреса. Дали вака МАНУ ги загрозува националните интереси на другите етнички заедници?

Академик Коцарев: Кои се националните интереси на другите етнички заедници во Македонија?  Дали: Македонија да биде дел од ЕУ, или: договорите со Грција и Бугарија? Како, воопшто, еден договор може да биде дел од нечиј национален интерес?

Ако зборот „македонизам“ подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството (вклучувајќи ги тука и Грција, Бугарија и Албанија) и низ целиот свет – факти што се верификувани од светската наука, тогаш дали документите што ги негираат тие факти и промовираат невистини, лаги и манипулации, Македонците и македонската научна јавност треба да не ги прифаќаат и да ги осудат? Или, по којзнае којпат, ќе молчиме со наведнати глави!? Дали МАНУ, како највисока научна и уметничка институција треба да молчи за документи што промовираат невистини?

Притоа, треба да биде јасно дека отфрлањето на таквите документи не значи дека Македонците се против ЕУ, туку напротив, тие се за ЕУ, но за унија во која Македонците ќе бидат рамноправен и достоинствен народ со сите други народи во ЕУ.  Во овој контекст, можам со сигурност да тврдам дека членовите на МАНУ, посебно јас, како нејзин претседател, никогаш и никаде не сме ги негирале и нема да ги негираме националниот интерес и достоинството на другите етнички заедници во државата, но зошто борбата за остварување и зачувување на националниот интерес и на достоинството на Македонците се восприма како дејство што им нанесува штета на другите етнички заедници во Македонија, посебно кога за состојбата во која се наоѓаат Македонците, поголемиот дел од Македонците, вклучувајќи ме и мене, ги обвинуваат единствено македонските политичари – лукративните недостоинствени подлизурковци! Да подвлечам, да нема забуна, бидејќи Албанците во Македонија никогаш не се сметале и нема да се сметаат за Македонци со албанско етничко потекло, синтагмата „македонски политичари“, всушност, означува политичари од македонско етничко потекло.

Цветановски: Ова е процес, не е од вчера, но за кого и како записите и личните ставови на претседателот на МАНУ, па дури индиректно и на МАНУ, наеднаш станаа „најголема опасност“?

Академик Коцарев: Одговорот на прашањето – за кого МАНУ е „најголема опасност“, е едноставен: за политичките и владејачките елити и нивните апологети за кои промовирањето на научноистражувачката вистина и факти им претставуваат опасност за нивните високи општествени позиции. Но, зошто? Тогаш, неминовно, прво, треба да се прашаме каков е нивниот пристап во адресирањето на општествените предизвици со кои се соочува Македонија. Пристапот што најмногу се практикува во Македонија, за жал, можеби најдобро се опишува со зборовите: вкопани во своите ровови, двете најголеми македонски партии, политичарите и нивните верни сенки – интелектуалци, професори и новинари, водат војна и по медиумите и на социјалните мрежи за „доброто“ на Македонија, при што не бираат средства, бескрупулозно лажат и манипулираат. Повеќепати критички ги анализирав двата периода на владеењето во Македонија, од 2006 до 2016 година и од 2017 до денес, периоди коишто најдобро се карактеризираат со синтагмите „заробена држава“ и „понижена држава“, соодветно. Поголем дел од тие што, со право, до 2016 година, пишуваа, говореа и укажуваа на негативните последици од владеењето во тој период, и денес, упорно, вкопани во своите ровови, го прават тоа, бесполезно повторувајќи ги веќекажаните работи, а не сакајќи да видат дека живееме во период на најголема морална криза, период кога македонскиот народ е, во континуитет, понижуван. Но, тука не е крајот на трагичноста. Историјата од осамостојувањето на Македонија нѐ учи дека не е важно кој во моментот владее, поголем дел од оние што се наоѓаат во рововите ќе останат таму, можеби ќе сменат страни, но ќе бидат внатре во нив, т. е. во своите удобни функционерски фотелји, а борбите ќе продолжат со несмалена жестина, при што, без индикации дека воопшто ќе завршат, најверојатно ќе траат во недоглед, до целосно истребување и изумирање на Македонците. Манипулациите на членовите на политичките партии делумно може да се разберат, но не да се оправдаат – тие се лукративни властољупци кои се способни на сѐ: и на продажба и на предавство. Меѓутоа, тоа што не може да се разбере се манипулациите на првиот човек на државата, чија должност е, во согласност со уставните одредби, неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија, а, сепак, толку отворено работи во функција на одредена политичка партија, поточно работи против македонизмот.

 

Цветановски: Провладините инсталации не пропуштија да ве прогласат за антиевропски елемент. Прашањето е многу едноставно, дали сте „за“ или сте „против“ ЕУ?

Академик Коцарев: Прашањето, за или против ЕУ, се разбира, е ирационално и бесмислено, но секогаш кога претседателот на МАНУ или некои членови на Академијата аргументирано ќе ги оспорат Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство со Бугарија, веднаш Академијата ја добива етикетата „антиевропска“. Повеќепати сум пишувал и говорел, а верувам и дека сите членови на МАНУ ќе се согласат со мене, дека МАНУ не е против ЕУ, туку напротив, МАНУ е за ЕУ, но за Унија во која Македонците ќе бидат рамноправен и достоинствен народ со сите други народи во ЕУ.

Тоа што не го разбираат или не сакаат да го разбираат претставниците на политичката и владејачката елита и нејзините апологети (иако на сите им е добро познато) е дали ЕУ воопшто сака Македонија да биде дел од нејзиното семејство?

Дури и да почнат преговорите (по уставните измени), дури и да се согласиме со сите уценувања и понижувања од соседните држави (притоа, не заборавајте дека допрва ќе пристигнат нови и пострашни уцени и понижувања од ЕУ, за сите земји од соседството што не се членки на ЕУ, не само за Македонија), ирационално, неразумно, нелогично, па дури, и бесмислено е да се очекува дека Македонија до 2030 година ќе стане полноправна членка на ЕУ.

Причина за ваквиот мој став е бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на шесте земји на Балканот што сѐ уште не се дел од Унијата. Црна Гора почна со пристапните преговори во 2012 година и досега има отворено 33 поглавја, но само три од нив се привремено затворени, додека Бугарија почна со преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша во април 2005 година. Така, временскиот период за влез на балканските држави во ЕУ e растеглива категорија: 5 години од почеток на преговори до потпишување на пристапниот договор и 10 години за привремено затворање на 3 од 35 поглавја.

Постојат две причини за тоа:  прво, сѐ додека земјите членки на Унијата имаат право на вето за прием на нови членки – проширувањето ќе биде блокирано, и второ, ЕУ или некои нејзини членки се против вклучувањето нови полноправни членки со право на вето. И, тука се соочуваме со клучната порака од култниот роман/филм „Catch-22“, поточно Македонија влегува во „маѓепсан круг“: според сегашното устројство на Унијата, за воведување алтернативи на полноправно членство на Македонија во ЕУ и/или за отстранувањето на правото на вето на земјите членки на ЕУ треба консензус од сите членки. Во тоа е и суштината на „маѓепсаниот круг“: тоа ниту денес ниту во далечна иднина нема да се оствари, па така, преговорите ќе траат многу долго, дури и сѐ да предадеме и да продадеме!

Веќе подолго време Франција не отстапува од реализација на идејата за формирање европска политичка заедница и веќе почнуваат да се наѕираат нејзините контури. На почетокот на октомври во Прага се одржа средба на која учествуваа шефови на држави или влади на 44 европски земји, меѓу кои и на Македонија. Покрај 27-те членки на ЕУ, на состанокот беа поканети и претставници од шест држави на Западен Балкан, како и на Украина, Турција, Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Грузија, Ерменија и Азербејџан. Во еден таков контекст се наметнува и дилемата зошто Македонија толку брзаше и ги направи сите жртвувања на сопствената историја и сопствениот идентитет, кога и без тоа можеше да стане дел од таа нова европска политичка заедница, а веројатноста Македонија да стане рамноправна членка на ЕУ е многу мала.

 

Цветановски: Светот се менува, рапидно. Кои се Вашите ставови за новите геостратешки поместувања или разместувања?

Академик Коцарев: Геополитичката слика на светот се менува. По монополарниот систем, карактеристичен за периодот веднаш по 1990 година, денес, за многу аналитичари, светот се дефинира како сложен и повеќеполарен систем. Притоа, многумина веруваат дека светот нема да биде структуриран само околу центрите на моќ. Така, 2030 година не само што ќе биде различна во однос на дистрибуцијата на моќта (се очекува поместување на моќта кон Азија, но и поголема неизвесност), туку и во однос на природата на моќта. Моќта нема да биде одредена единствено со класични мерки, како што се големината на населението, БДП и воената потрошувачка, туку и од врските, меѓузависностите и плуралистичката природа на системот.

Во ноември 2022 година, Дани Родрик во есејот со наслов „Не дозволувајте геополитиката да ја убие светската економија“  ги коментира последните мерки на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за зачувување на приматот на САД, наместо да се помири со реалноста дека денес светот е мултиполарен. Тие мерки, што означуваат „тоталната економска војна“ со Кина, покажуваат дека САД имаат за цел да го спречат подемот на Кина како технолошка суперсила. За администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, Кина е најголемата закана за Америка.

Есејот завршува со пораката: „Проблемот со хипер-глобализацијата беше што им дозволивме на големите банки и меѓународните корпорации да ги диктираат правилата на светската економија. Добро е што сега се оддалечуваме од таквиот пристап, бидејќи тоа беше погубно за општественото ткиво на нашите заедници. Сега имаме можност да обликуваме подобра глобализација. Се чини дека големите сили избираат поинаков, многу понеизвесен пат. Тие ги предадоа клучевите на глобалната економија на делот од естаблишментот одговорен за прашањата на националната безбедност, што го загрозува глобалниот мир и економскиот просперитет“.

Поврзано со геополитичките предизвици, според моето мислење, тие најдобро ќе се адресираат ако големите сили, наместо тесни светогледи, вклучат достоинствено меѓусебно разбирање, како што тоа го прави ЕУ во однос на Кина (документ од 2019 година): „Кина е, истовремено, во различни области на политиката, партнер за соработка со кој ЕУ има тесно усогласени цели, партнер за преговарање со кој ЕУ треба да ги усогласи интересите, соперник во потрагата по технолошко лидерство и ривал што промовира алтернативен модел на владеење“.

Во однос на Македонија, синтагмата „единствена алтернатива“ е бесмислена – па ние сме демократска земја и имаме право на избор, не само внатре во државата туку и во меѓународните односи, меѓу повеќе алтернативи: ЕУ, Европска политичка заедница, БРИКС, Европската економска заедница, Иницијативата појас и пат, Отворен Балкан, зближување со други светски сили.

Повеќепати сум говорел и пишувал: со ЕУ треба да преговараме само како Македонци, штитејќи ги клучните карактеристики на македонизмот.

Цветановски: Освен национално, здравствено и образовно, впечатокот на две третини од граѓаните е дека одиме во лоша, негативна насока на секое поле. Прашањето е – економијата во Македонија?

Академик Коцарев: Со независна Македонија се оствари сонот за наша независна држава Македонија, сон на многу генерации Македонци. Но, по 31 година независна Македонија, и покрај сѐ, за жал, сонот за подобар живот не се исполнува. Според показателите за висината на БДП, невработеноста, платите, Македонија сѐ уште е само пред Косово, а споредено со земјите од поранешната СФРЈ бележи најголемо назадување. Во 1992 година, Македонија имала споредлив БДП по жител со Летонија, Полска, Романија и Казахстан, кои сега имаат трипати повисоко ниво, додека, пак, Албанија, Грузија и Туркменистан, кои тогаш имале трипати пониско ниво, денес се израмнети со нас.

Македонија старее и бројот на нејзините жители се намалува, па оттука, според мене, многу е поважно напорите, наместо кон одредени политики без позитивни резултати за нас, да се насочат кон политика за побрз економски раст и развој на Македонија.

Во периодот од 1993 до 2021 година, просечно, годишно, реалниот раст на домашниот бруто-производ изнесува само 1,7 %, што не овозможи позначително стеснување на јазот во однос на просекот на овој параметар во Европската Унија. И покрај тоа што јавниот долг на Македонија бележи значително и загрижувачко зголемување, од 23 % во 2008 година, на повеќе од 60 % во 2022 година, достигнувајќи го плафонот на својата одржливост, сепак, задолжувањето не обезбеди побрз економски раст и развој.

Македонија наместо да го реформира, го уназади образовниот систем, и не успеа квалитетно да го заокружи инфраструктурното поврзување, ниту во земјата ниту со соседните земји. Поради отсуство на конзистентен пристап, земјата остана високо зависна од увозот на енергенси, а со тоа и подложна на силни ценовни удари без обезбедена алтернатива.

Оттука, потребен е нов договор за економските реформи, политики и мерки, кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години, а тоа да биде остварено во соработка со МАНУ, универзитетите, коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите, надминувајќи ја клиентелистичката и партиска агенда на дејствување на општествените чинители.

Цветановски: Минува една тешка година, на портите сме на следната. Кои се Вашите пораки за 2023-та година?

Академик Коцарев: На сите граѓани на Република Македонија им ја честитам Новата 2023 година, посакувајќи им здравје, среќа, радост, благосостојба и личен просперитет.

Меѓутоа, на македонските политичари им посакувам трошка повеќе: соочувајќи се со желбите на сите Македонци, да увидат, еднаш засекогаш, дека само ние, Македонците, можеме да се избориме за нас, Македонците. Оттука, обединувањето на македонските политички партии е единствената можност за остварување на посакуваниот сон: вековно опстојување на Македонија. На лукративните, самобендисани, арогантни и неуки македонски политичари, знам, нема да им биде едноставно да се откажат од власта, меѓутоа, сѐ друго води кон пропаст и изумирање на оваа држава, на Македонија. Со цел да престанат уцените и однатре и однадвор, повикувам на обединување на Македонците и на македонските политички партии, меѓутоа, притоа зборувам за вистинско обединување, а не за онакво какво што досега го искусуваме во реалноста, декларативно и привидно.

Обединувањето за коешто јас се залагам, ќе доведе, прво, Македонците да бидат почитувани од другите народи; второ, Македонците да имаат достоинствен, квалитетен и исполнет живот, и трето, ваквото обединување ќе овозможи да се намали афективната поларизација што на моменти прераснува во омраза меѓу Македонците. Сведоци сме дека, во Македонија, партиските следбениците ги дискриминираат своите македонски противници до степен што го надминува разумното однесување и води кон разградување на демократијата, кон арогантно и насилно владеење и кон уривање на институциите во државата. Иако изгледа неостварливо и, во овој момент, речиси безнадежно, можеби е најдобро време да го собереме сиот преостанат оптимизам во нас и, сепак, да го промениме македонското општество, најпрво менувајќи го нашиот однос кон самите себеси, а потоа и кон другите и кон Македонија. Во таа насока, ние, Македонците, треба да бидеме солидарни, отворени и подготвени за промени, за обединување, за соживот, за соработка, но и непоколебливи во одржувањето, негувањето и заштитата на македонизмот како нитка што го условува нашиот опстанок на ова парче земја.

Македонијо, ти посакувам среќна Нова 2023 година и нека трае вечно твоето опстојување!