Mакедонштино, коцката е фрлена, да се почитуваме себеси, за и другите да не почитуваат! Сиот век, освен слобода или смрт, друга вистина не сме препознале.
Тоа е пораката од победничкиот говор студентот на мастер-студиите по уставно право Данило Крстовски, кој годинава е победник на 25. говорничка вечер на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје.
Негрижност. Неспокој. Ова е накусо односот кон македонштината деценииве. Војна на секој против секого. Војна на своите против своето. Најдете Бугарин за кого Пирин е македонски. Но затоа, во нашето Скопје врзопот сами си го ткаеме, гробот сами си го копаме.
Висока корупција, роднински, непотистички династии, партизирана и поларизирана држава. Но останува непроменето рзликувањето меѓу тоа што е државно уредување, а што душа на нацијата.
Велат дека национализмот и патриотизмот се клетвите на Балканот. Тогаш зошто сме само ние заморчињата и притоа сите да профитираат, освен нас? Денеска вистината станува налик како правдата, еден недопирлив, филозофски идеал. Но, била идеал или не, да ја негуваме, за да не чуеме еден ден дека „Македонско девојче“ на Јонче Христовски е позајмена бугарска песна.
Битката на мојата генерација е толку многу важна. Како никогаш до сега ги препознаваме синџирите, кои ни ги наметнуваат, како туѓите, така и нашите. Чувствуваме револт поради дисфункционалниот правно-политички систем, елитизацијата на клептократите и владеењето на просекот.
Нашата оставнина не е конформизам, песимизам и летаргичност. Сиот век, освен слобода или смрт, друга апсолутна вистина не сме препознале. Целата страдалност, угнетеност, напатеност сме ја преточиле во непокор и неотстапка.
Во крушевската смелост, асномската истрајност и дисидентската објективност. Во Сердарот на Прличев, Тешкото на Конески, Пирејот на Андреевски, Македонија на Поповски.
Mакедонштино, коцката е фрлена! Да се почитуваме себеси, за и другите да не почитуваат! Гордо да опстоиме на тезата: „Ние овчари сме, но питачи не!
Видео со настапи од минатогодишната ораторска вечер на Правниот факултет може да погледнете ТУКА.