Лидерот на Беса, Билал Касами одби да седи на иста маса со лидерот на ДУИ, Али Ахмети на закажаната средба од албанскиот премиер Еди Рама во вторник во Тирана.
Рама, како што објавивме, во вторник закажа средба со лидерите на албанските партии од Македонија.
Учество на средбата за ТВ Алсат потврдиле претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и на Алтернатива, Африм Гаши. Засега нема одговор од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, а лидерот на Беса, Билал Касами, донесе одлука дека нема да седне на иста маса со Ахмети.
– Ние како Беса воопшто немаме дилема во однос на политичките цели во корист на интересите на Албанците во РС Македонија од страна на премиерот на Република Албанија, г. Еди Рама. Наша грижа е со целите и политичките трикови на ДУИ и Али Ахмети. Ние како Беса позитивно одговараме на поканата на премиерот Еди Рама, но немаме потреба и не гледаме за разумно да седиме на маса со ДУИ на Ахмети секогаш кога тој треба да се спаси, изјави Фарук Авзиу, портпарол на Беса.
Причините за средба не се соопштуваат во поканата на Рама, но се дознава дека ќе се фокусира на поддршката за уставните измени во Македонија и евроинтегративните реформи.
Албанскиот премиер Рама, слична средба со тогашните лидери Ахмети, Села и Касами, во Тирана организираше и во декември 2016 година, од која произлезе заедничка декларација на албанските политички партии за интересот на Албанците во Македонија.