Ниеден приватен превозник не се пријавил на огласот за приватни автобуси и возачи на линиите 20 и 22. Градот беше уверен дека по раскинувањето на договорите и штрајкот на приватните превозници, брзо ќе го реши проблемот со нов оглас и наоѓање нови. Ама, тоа не се случи… И сега, додека приватните превозници уште чекаат да бидат примени од премиерот, и не им е исплатен долгот, најдебелиот крај го извлекуваат граѓаните – кои со часови чекаат на автобускит станици, објавува ТВ АЛФА.

Пропадна јавниот оглас за доделување на линии за приватните автобуси 20-ка и 22-ка, зашто ниту еден од приватниците не се пријавил. Од „Слобода превоз“ за Алфа велат дека Град Скопје свесно оди контра приватните превозници, а сиот товар паѓа врз грбот на патниците кои и долго време чекаат автобус. Велат дека нема шанси Градот да најде превозници за толку краток рок. Од Град Скопје кој го објави јавниот оглас, откако ги раскина договорите со приватните превозници, нема никаква информација. Како што е наведено во огласот, за „покривање“ на овие линии, потребни се, за 20-ка, десет автобуси и 23 возачи, а за 22-ка, десет автобуси и 21 возач.

  • Очекувана е состојбата дека нема никој да се пријави на тој т.н. оглас, кој претставува само и само обид за разбивање на единството на приватните превозници. Како и секоја нивна иницијатива, јас би рекол – глупост, како што почна, така и ќе заврши, но тој проблем останува понатаму. Меќејата, односно градоначалничката ги осуди сите граѓани на Скопје со немање превоз, вели за Алфа, Ќемал Муриќ, возач на приватен автобус во „Слобода превоз“.

Што се однесува до средбата со премиерот која превозниците со душа ја чекаат, таа како да се изгуби во маглата што го покри Скопје, велат возачите. Состојбата станува се потешка откако Градот им ги раскина договорите за работа.

  • Ни останува само надежта со највисоката инстанца на држвата – премиерот, господинот Димитар Ковачевски, кој јавно даде ветување дека ќе не прими, секако чекајќи ги резултатите од Управата за јавни приходи, додава меѓу другото Муриќ.

И додека приватниците ја чекаат средбата со премиерот, граѓаните се приморани и до еден час да чекаат автобус, односно ретки се 23-ка, 22-ка, а 20-ка речиси и да ја нема, зашто Скопје има голем недостиг на автобуси. Ваква е состојбата на постојките каде граѓаните чекаат автобус.

Инаку, приватните превозници во Скопје во ноември престанаа со работа со обвинување дека Град Скопје и ЈСП им должат околу 1,5 милиони евра. Наместо преговори за да се најде решение, Градот им ги раскина договорите за работа.