Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

Марко Китевски за празникот:

Житието на Параскева-Петка позната како св. Петка Епиватска или Трновска вели дека е родена во Епиват во Тракија меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите и биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимие кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години покажувала интерес за монашкиот живот.

Кога и умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.

Кога остарела ангелот божји и соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале ја погребале не на селските гробишта туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето.

Тоа тело набргу почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело во земјата за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто како што си мислеле ако било на некоја светица Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената Света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето.

Ноќта на еден од тие луѓе по име Ѓорѓија му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Ѓорѓија тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на Света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот. Таа ноќ истото и се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на Света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.

Подоцна телото на Преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Во 1641 година молдавскиот војвода Василија Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренесол во црквата „Три светци” во светиот град Јаш каде што и денес почиваат.

Во спомен на маченицата и чудотворка Преподобната Параскева Петка Трновска, светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27 октомври и што во народот е познат како Петковден. Во народот Петковден се смета за почеток на зимските празници што следуваат и што се проследени со домашни служби како што се Митровден, Св. Ѓорѓија, Аранѓел, Св. Никола и др.

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи но и од многу болести поради што народот на нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се нaречени петочни води.