Стотици илјади луѓе протестираа денеска во Париз и во другите француски градови, паралелно со штрајковите ширум земјата, поради најавеното зголемување на старосната граница за пензионирање, а претседателот на земјата, Емануел Макрон, изјави дека и покрај тоа нема да се откаже од пензиската реформа.
Над 200 протестни собири денеска се одржаа низ Франција, вклучително и масовни демонстрации во Париз, со учество на сите поголеми синдикати во Франција. Штрајковите предизвикаа големи пречки во сообраќајот и работата на училиштата и јавните служби низ Франција.
За време на прес-конференцијата на француско-шпанскиот самит во Барселона, Макрон рече дека спроведувањето на реформата е неопходно за да се спаси пензискиот систем.
„Ќе го направиме тоа со почит, во духот на дијалогот, но и одлучноста и одговорноста“, рече Макрон.
Додека Макрон говореше во Шпанија, полицијата во Париз интервенираше против некои демонстранти кои фрлаа предмети на главно мирниот протест.
Според предложената реформа, старосната граница за пензионирање ќе се зголеми од 62 на 64 години. Во земја со со се постаро население и подолг животен век, каде што секој добива државна пензија, владата на Макрон тврди дека реформите се единствениот начин да се задржи солвентноста на пензискиот систем.
Синдикатите наведуваат дека реформата ги загрозува правата за кои тешко се бореле и предлагаат пензискиот систем да се финансира или со воведување посебен данок за богатите или со зголемување на задолжителните придонеси на платите. Анкетите покажуваат дека мнозинството Французи се против најавената реформа.
Денеска на протестот во Париз имаше многу млади кои извикуваа „Младите протестираат, Макрон, готово“. И средношколските здруженија ги повикаа своите членови да се приклучат на протестите.
Економската цена на денешните штрајкови засега е непозната. Владата стравува дека денешната масовна демонстрација на отпор може да ги охрабри синдикатите да продолжат со долгите штрајкови кои би можеле да ја осакатуваат економијата во време кога Франција се бори против инфлацијата и се обидува да го поттикне растот.
Во протестите учествуваа и полициските синдикати кои се против пензиските реформи, додека дежурните беа подготвени за потенцијално насилство доколку екстремистичките групи се приклучат на демонстрациите.
Повеќето од денешните тргнувања на возовите во Франција се откажани, вклучително и некои меѓународни линии. Откажани се околу 20 отсто од летовите од аеродромот во Париз Орли, а авиокомпаниите ги предупредија патниците за можни доцнења.
Министерството за образование соопшти дека меѓу 34 и 42 отсто од наставниците штрајкуваат во училиштата.
Француската влада формално ќе го претстави нацрт-законот за пензија во понеделник, а истиот ќе се најде пред парламентот следниот месец. Шансите на владата да го протурка законот делумно ќе зависат од обемот и времетраењето на штрајковите и протестите.
Повеќето опозициски партии, вклучително и левицата и крајната десница, силно се противат на планот. Центристичката алијанса на Макрон минатата година не успеа да добие парламентарно мнозинство, но сепак има најмногу места во парламентот, каде што има солидни шанси да ја добие поддршката од конзервативните републиканци за пензиските реформи.
Според предложената реформа, работниците ќе треба да работат најмалку 43 години за да се квалификуваат за целосна пензија. За оние кои не го исполнуваат тој услов, како што се многу жени кои ја прекинале кариерата за да одгледуваат деца или оние кои долго време студирале и почнале да работат до доцна, старосната граница за пензионирање не би се менувала и би била 67 години.