Едниот тип закани е директен, а вториот преку посредници – вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги опишува притисоците врз пратеници од мнозинството, за кои говореше вчера во Охрид.
Какви притисоци има врз пратеници од владејачката коалиција кои би поддржале избори, како што вчера изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ? СДСМ во партиска реакција демантира и го обинува за „лаги”, но Мицкоски останува на истите тврдења. ДВ побара одговор од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – за каков вид притисоци станува збор?
„Има два типа на закани за кои сум информиран – едниот е директен, во смисла ќе ви се случи лошо вам и на вашите блиски ако поддржите избори, а вториот тип на закани е преку посредници на луѓе блиски до тие пратеници, нивни роднини и пријатели. Добро е што поголемиот дел се охрабрени и директно сведочат за таквиот однос. Јас сум убеден дека тие ќе останат доследни, бидејќи борбата за Македонија нема цена, а криминалците еден ден ќе зажалат за ова што го прават“, вели Христијан Мицкоски.
Според него, „дел од пратениците кои се предмет на обработка, се во грч, но и разочарувања од таквиот приод”.
„Сѐ повеќе пратеници ја сфаќаат комплицираноста на состојбите и фактот дека изборите се единственото одржливо решение за излез од состојбите. Во таа насока, пропорционално на растењето на бројот на пратеници кои се охрабруваат да говорат за потребата за избори, се случуваат и брутални, и би рекол бандитски притисоци од страна на криминални и неформални групи во форма на заплашувања, како директна порака од раководствата на СДС и ДУИ. Тоа се припадници на истите оние групи, кои непречено во овие шест години градат бизнис империја и се заштитени од прогон и допир на правдата. Тоа се истите оние луѓе кои полутајно се поздравуваат, а дел и јавно се фотографираат со истите водства од власта на партиски и други политички настани, имаат дебели полоциски досиеја и сѐ уште се на слобода и покрај десетици случаи за работа со недозволени материи, рекети и изнуди”, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во трка со времето
Ваквиот опис тој го даде и вчера во Охрид, одговорајќи на новинарски прашања по прашањето за избори.
„Мислам дека не би имало човек во парламентот, рационален човек, кој што и сака добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи, коишто високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници”, рече Мицкоски.
СДСМ во реакција го обвини дека пласира лаги.
„На почеток на оваа година, токму на Божиќ, Мицкоски изјави дека на крај на јануари ќе собере 61 пратеник и ќе се случи распуштање на Собранието. Еве, дојде крај на јануари нема ништо од неговите најави, нема распуштање на Собрание”, беше наведено во реакцијата на СДСМ.