Седницата на спрскиот парламент на која се разговара за европскиот план за стабилизирање на односите со Косово трае повеќе од десет часа. Се очекува да трае до доцна во ноќта и веројатно нема да заврши денеска, пренесува балканскиот сервис на РСЕ.
Во текот на денот имаше инциденти во Собранието. Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека Србија би можела да стане целосно изолирана и без пристап до европските фондови доколку го отфрли планот на Западот за нормализирање на односите со Косово.
Вучиќ ги даде овие коментари во говорот во парламентот, при што се соочи со непријателски одговор од опозициските политичари кои го обвинија дека е под притисок на Соединетите Држави и Европската унија да се согласи со планот.
Вучиќ рече дека 90 отсто од она што досега е јавно објавено за предлогот е точно и рече дека има добри работи во планот, нагласувајќи дека планот предвидува Србија да не се противи на вклучувањето на Косово во меѓународните организации, иако нема да мора формално да ја признае неговата државност.
Повтори дека европско-американскиот дипломатски тим му кажал за време на состанокот во Белград минатиот месец дека ќе има последици доколку Србија не го прифати планот. Тоа вклучува прекин на пристапните преговори со Европската унија и повлекување на сегашните и идните инвестиции во земјата, рече тој.
„Ние би биле целосно изолирани, никој не би разговарал со нас. Нема да имаме пристап до европските фондови“, рече тој, додавајќи дека во „витален интерес“ на Србија е да остане на пат кон членство во ЕУ.
Вучиќ исто така изјави дека Србија нема да се гледа како сојузник во конфликтот во Украина „поради фактот што Србија не воведе санкции кон Русија“. Рече дека политиката на Србија ќе биде да ги зачува мирот и стабилноста по секоја цена и дека Белград ќе продолжи да го поддржува формирањето на асоцијација на општини со српско мнозинство на Косово.
За време на неговиот говор, беше прекинат од членовите на десничарската опозиција, кои се впуштаа во извикување и се тепаа со членовите на владејачката партија на Вучиќ додека го повикаа парламентот да го отфрли планот и го обвинија Вучиќ за предавство на Србија. Опозиционерите извикуваа „Предавство, предавство“ и „Нема да се откажеме од Косово“. Тие побараа и оставка од Вучиќ.
Попладнево пак десетици граѓани се собраа пред српскиот парламент противејќи се на планот на Европската унија за Косово. Тие блокираа една коловозна лента пред парламентот. Меѓу насобраните имаше и пратеници на десничарската опозициска парламентарна Народна партија кои го развирија транспарентот „Косово е срцето на Србија“, како и претставници на десничарското вонпарламентарно движење.