Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска во парламентот дека Белград можеби ќе мора да воведе санкции кон Русија, пренесува N1.

– Не сум ентузијаст за тоа, но не знам колку долго ќе издржиме ако не воведеме санкции. Ние ја плаќаме цената што не ги воведовме, но тоа е прашање на политичка посветеност на нашето раководство – рекол Вучиќ.

Тој изјавил дека веднаш ставил до знаење дека ништо не му се допаѓа во предлогот на Европската унија поврзан со решението на косовскиот проблем.

-Ги претставив најлошите детали од договорот, за да укажам на тежината на ситуацијата, изјавил Вучиќ.

Неподносливата леснотија на неодговорноста го прогонува нашиот народ, рекол Вучиќ, истакнувајќи дека водењето на државата бара огромна одговорност.

Пратениците на српскиот парламент денеска започнаа нова вонредна седница на која претседателот на Србија Александар Вучиќ го презентираше Извештајот за преговарачкиот процес со Приштина.

Извештајот до пратениците формално го доставија Владата на Србија, Канцеларијата за Косово и Метохија, како и малку познатата Канцеларија за координативни прашања во преговарачкиот процес со институциите на самоуправа во Приштина.

По обраќањето на Вучиќ почна дискусијата. Во текот на попладневните часови се случи инцидент во кој што дојде до туркање и проблеми меѓу пратеници од власт и опозицијата кои се упатија кон местото каде што седеше Вучиќ.