Наташа КОТЛАР

Чествувањето на родениот ден на Гоце Делчев, наместо да се одбележи достоинствено, свечено, возвишено, празнично и сенародно, помина катастрофално, ужасно, неприродно. Накратко, тоа беше патетична сцена – претставниците на власта се однесуваа агорафобично (страв од отворен простор и народ) ангажираа полиција, специјалци, оклопни возила; пристапните сообраќајници и мостови беа со полициски барикади, не дозволувајќи произволно минување и движење на луѓето кон спомен-местото, додека пријавените делегации мораа да одат една по една само според дозволениот број на луѓе; снимателите беа одделени од новинарите и уште рано утрински хелихоптери и дронови надлетуваа над неразбудениот град; од граничните премини слушнавме и видовме бугарска гротеска.

Денешното (не)чествување на јасен и недвосмислен начин покажа колку е опасно и недозволиво да се вклучува ИСТОРИЈАТА во политички документи (Договорот за добрососедство од 2017 г. и Преспанската спогодба од 2018 г.)! Бидејќи историјата е длабоко сеќавање, лично, индивидуално и групно – бит и традиција, нецензурирана архива и оттука таа е народна колективна меморија. Исто така таа е научна дисциплина, автономна, која во македонскиот дискурс опстојува и дејствува скоро осудесет години. Како таква македонската нацинална историја не може да биде тема во какви било политички договори!

Македонската историја, народна и научна се одликува со посебен и автентичен развој и затоа таа не смееше политички во еден дел да биде оттстапена на туѓа држава (2018) или пак да биде „заедничка“, „споделена“, „комисиска“ со друга држава (2017)! За оваа дрскост на владеачката номенклатура, народот и нацијата македонски не дадоа согласност, а ниту пак беа прашани. Оваа бесчуствителна налудничавост, од власта рекламирана како „храброст“ на одредени политички ликови, поддржани стратешки и ЕУропјски, изроди поларизирана состојба во македонското општество, ‘ржење, неприфаќање, немирење, негодување!

Историските настани и личности, во овој ред и Гоце Делчев, кои ја претставуваат вековната народна жртва за слобода и независна Македонија се придобивка на нејзиниот народ, кој во антифашистичката борба се избори за овие идеали. Затоа и чествувањето треба да е само и само м а к е д о н с к о, не споделено, не заедничко, не комисиско, не северно, ниту пак со некогашен комисист на историски час или пак со актуелен комисист во етер…! Потенцијалните славеници од туѓо потекло можат единствено да го уважат ова или пак да си чествуваат пред спомениците кои си ги имаат во својата земја со своја приказна.

Денешнава гротеска од одбележување на Гоцевден, треба да е наравоучение за сите нас – народот, власта, позицијата и опозицијата никогаш повеќе да не се случи, бидејќи другиот Гоцевден (4 мај) и Илинден се ближат за достоинствена и честита прослава! Или како што Гоце рекол: „Македонското дело – тоа опширно море на најголеми потреби“ (1899) !