Односите меѓу Македонија и Бугарија сериозно се влошија, особено по иницијативата за отворање на т.н културни клубови во двете земји. Тие беа искористени како средство за провокација, но вината за нарушените односи е на двете страни. Ова го порача денеска во Скопје, Димитар Атанасов од Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките.
Атанасов е дециден дека Бугарија треба да дозволи интеграција на Македонија во ЕУ, без условување за внесување на Бугарите во Уставот. „Моето мислење е поинакво од она на бугарската страна = сметам дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е апсолутно бесмислена работа. И со тоа и без него, Бугарија треба да дозволи преговори на … Македонија со ЕУ“, порача Атанасов.
Бугарскиот историчар учествуваше на конференција за демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ, во организација на Евротинк – Центар за европски стратегии – Скопје. Одговарајќи на новинарски прашања, тој посочи дека кампањата на провокации ја започнала Бугарија, односно бугарскиот претседател Румен Радев, но дека вината е на двете страни на границата.
„За жал, ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна започна кампањата на провокации, Македонија одговори, што исто така не е во ред, но односите во моментов можеби се на дното. Од нас зависи дали ќе ги подобриме“, вели Атанасов.
И од двете страни на границата, според него, има политички субјекти, партии и институции, на коишто во нивен интерес е односите да бидат се полоши. „Знаеме дека и од двете страни на границата има партии со предзнакот ВМРО. Од една страна, од македонската страна тоа е партија која е постојан претендент за власт и една од нејзините основни карактеристики е етнонационализмот. Во бугарскиот случај, партијата ВМРО веќе е маргинална и не е сигурно дали ќе влезе во парламентот. Мрежите на некогашните тајни служби не престануваат да ги влошуваат односите“, изјави бугарскиот историчар.
Европската Унија, смета тој, направила колку што можела за релаксирање на односите меѓу двете земји, кои „не се деца на детско игралиште пред зграда, за да дојде некој возрасен да им удри по една шлаканица и да им каже како да си играат“.
„Ние треба да покажеме дека во двете општества постои неопходната зрелост за да се разбереме и од тука понатаму да почнеме одново да се зближуваме затоа што сме најблиски на Балканот“, објаснува Атанасов.