Премиерот Димитар Ковачевски најавува средба со новинарските здруженија по завршување на постапката за реконструкција на Владата.

Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека имал телефонски разговор со претседателот на ЗНМ на кој било договорено да одржат средба по завршување на реконструкцијата на Владата на која ќе се разговара за барањата на новинарите изнесени на неодамнешниот протестен марш.

– Новинарите ја имале и ја имаат мојата поддршка и тоа го знаат. Но, од друга страна и новинарите имаат обврска да ги информираат граѓаните. Сметам дека сите ние можеме и поединечно и заеднички да се унапредуваме, за да се унапредиме самите себе, да ги унапредиме институциите во кои работиме и на крајот на денот заеднички да ја унапредиме држава, бидејќи ова е држава која ќе стане членка на ЕУ и кога ќе стане земја членка на ЕУ ќе биде многу подобра земја од дел од државите кои веќе се членки на Унијата, истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање по денешната презентација на новата инвестиција на германската компанија „Гересхајмер“ во ТИРЗ-2.

Оваа Влада заедно со новинарите, рече Ковачевски, ја врати Македонија од заробена држава во друштво на земји во која владее демократијата.

Премиерот потсети дека со новиот Кривичен законик нападот врз новинар се третира како напад врз службено лице, како и дека за време на ковид кризата Владата одвои средства за поддршка на медиумите.

– Никогаш не ми се случило во животот да им се јавувам на медиуми и да им уредувам вести. Никогаш не ми се случило мене или на некој мој соработник, да се јави на уредник и да го прави распоредот, која вест кога треба да оди… или да даде новинарско прашање на медиум да ми го постави и никогаш не се случило да не одговорам на поставено прашање, рече Ковачевски.