Едно лице загина, а 69 се повредени во новиот земјотрес, што утринава беше регистриран во близина на турскиот град Малатија, соопшти директорот на турската Агенција за управување со катастрофи (АФАД), Јунус Сезер.
-Спасувачките операции се интензивираат во пет објекти. Речиси на секои три минути се соочуваме со нов, вторичен потрес. Ги советувавме граѓаните да се држат настрана од претходно оштетените згради, бидејќи тие се уриваат, рече Сезер за турскиот весник „Хуриет“.
Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала претпладнево, во 10, 04 часот, го погоди квартот Јешиљурт, кај градот Малатија.
Потресот бил почувствуван во Кахраманмарас, Адијаман, Елазиг и околните провинции.
АФАД соопшти дека има уништени објекти.
Функционерот на лвартот Јешиљурт, Мехмет Чинар, соопшти дека татко и ќерка, кои влегле во куќата да собираат работи, останале под урнатините и дека во тек е потрагата по нив.