Артан Груби и Димитар Ковачевски се вплеткаа во сопствените лаги. Фамозната „Електра Солушн“, која според власта првин беше локален партнер стана главен столб на проект со 8,3 милиони за неа од вкупно 22 милионскиот тендер, обвини денеска Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Електра Солушн“ не само што нема искуство, бидејќи е фирма за производство на долна облека која во последен момент се префрла во градежништво, туку и за лиценцата за надзор поднесува 12 дена по распишување на повикот за доставување на понудите, а ја добива 5 дена потоа.
Брзината со која „Електра Солушн“ се вклопува во новиот бизнис и станува миленик на власта не застанува тука. Имено, еден ден откако истата добива лиценца за надзор, таа добива грант од Фондот за иновации од 65.000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“.
„Електра Солушн“ од фирма која нема никакво искуство од надзор, станува преку ноќ експерт и од фирма за производство на долна облека наплатува 65.000 евра за наводна иновација на програма, која очигледно ќе ја користат при надзорот.