По 12 –часа маратонски преговори Белград и Приштина под посредство на ЕУ ги усогласија ставовите за анексот на договорот за нормализација на односите.
За шефот на европската дипломатија Жозеп Борел како медијатор во дијалогот преговорите биле тешки , но сепак договор имало. Во фокусот на договореното е Србите во Косово да добијат некаков облик на самоуправа, а да се прифати и Декларација за исчезнати лица.
„Косово и Србија се договорија за Анексот за имплементација на Договорот за патот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Договоривме кога, кој и како тоа да се реализира. Во рамките на анексот, страните се согласија да ги исполнат сите членови од договорот и да ги спроведат сите обврски без одлагање и со добра волја. Овој исход дојде по многу тешки преговори, не се преговара 12 часа за едноставни работи. За да се имплементира членот 7 од договорот, Косово се согласи веднаш да започне преговори со ЕУ во рамките на дијалогот за воспоставување на аранжмани за обезбедување соодветна самоуправа за српската заедница на Косово. Страните, исто така, се согласија да ја поддржат декларацијата за исчезнатите лица како што беше преговарано во рамки на дијалогот како прашање кое е итно“.
За српскиот претседател Вучиќ вчера не бил денот „Д“, не потпишал ништо бидејќи не склучувал никакви меѓународни договори со Косово, затоа што Србија е меѓународно призната земја, за разлика од Косово. Вучиќ не се согласил да не се попречува членството на Косово во меѓународни организации, но се согласил на нормализација на односите. Тој потврди дека текстот кој дури 12 пати го менувале, ќе биде дел од преговарачката рамка за двете земји.
Курти пак обвинува дека Белград го одолговлекува времето за потпишување. По целодневните преговори се обврзал дека ја спроведе Заедницата на српски општини, но и најави дека ќе се залага за правата на сите граѓани на Косово.
Постигнавме јавен договор за анексот што ќе води кон спроведување на основниот договор. Останува на Европската унија да најде механизам статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки. Дојдов во Охрид со намера да го потпишеме основниот договор со анекс, но српската страна и овојпат избегна негово потпишување, исто како на последната средба во Брисел на 27 февруари.
Американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Екопбар го поздрави тешкиот но неопходен договор, за нормализирање на односите меѓу двете земји.
„Можам да ви кажам дека САД ќе се заложат да помогнат во спроведување (на договореното) и тоа спроведување да биде во интерес на двете земји и на регионот. Ќе сториме се што е во наша моќ за да ја поддржиме имплементацијата, и на политички, и на економски и на секој друг начин, за да направиме мирот на Балканот да биде реалност“
Македонскиот премиер пак задоволен од исходот на дијалогот, вели дека нормализирањето на односите, ќе донесе само позитивни резултати за интеграцијата на целиот регион.
Откако преговарачките тимови го усогласија анексот на договорот, Брисел сега ќе започне процес за промена на критериумите за Поглавјето 35 за Србија поради обврските кои произлегуваат од договореното. Агендата на Косовската специјална група за нормализација подеднакво ќе ги одразува и новите обврски што ги има Косово, а кои произлегуваат од Договорот и од овој Анекс“, се вели во една од точките од анексот.
Во рок од 30 дена двете страни треба да формираат и Заеднички одбор за мониторинг, со кој претседава ЕУ, кој ќе следи што и како се имплементира според договореното.
Брисел во рок од 150 дена ќе организира донаторска конференција со цел да се воспостави пакет за инвестиции и финансиска помош за Косово и Србија. Помошта нема да биде доделена пред ЕУ да утврди дека сите одредби од Договорот се целосно имплементирани. И Белград и Приштина се обврзале дека нема да ја кочат имплементацијата на ниту една од договорените точки.