Македонците од Пиринска Македонија и денес не можат да ги остварат своите права во Бугарија, и покрај повеќето пресуди од Судот во Стразбур во нивна полза.
Бугарија и денес ги негира нивните права, а упорно уценува влегување на Бугарите во македонскиот Устав, за да не го кочи патот за влез на Македонија во ЕУ. За правата на Маедонците во Бугарија животот го дале повеќе Македонци и Македонки, меѓу кои е и Веса Бараковска – Роза, убиена од бугарските фашисти во 1944 година.
Во продолжение, прилогот од Вапцаров, страница на Фејсбук, по повод роденденот на Веса Бараковска – Роза:
Родена е на 18 март 1922 год. во Горна Џумаја (денешен Благоевград), Пиринскиот дел на Македонија.
Веса е првата Македонка – партизанка во Пиринско.
Потекнува од сиромашно семејство. Завршува прогимназија со одличен успех, но поради немањето средства го прекинува образованието и почнува да работи како шивачка.
Во 1938 година станува член на Работничкиот младешки сојуз (РМС), а заради својата активност и посветеност, во 1942 е назначена и за секретар на Горноџумајскиот окружен комитет.
Веса постојано била во контакт со напредната македонска младина во Горна Џумаја и околните села, им раскажувала за партизанската борба, привлекува нови членови и борци, а во исто време собирала храна, облека и оружје за партизаните.
Летото 1943 год. бугарската фашистичка полиција ќе ја открие нејзината дејност и таа е принудена да замине во илегала – во партизани.
Во јули 1943 година станува член на Пиринскиот партизански одред „Никола Калапчиев“, каде го добива партизанското име Роза, по името на познатата револуционерка Роза Луксембург.
Учествувала во сите акции кои македонските партизани од одредот ги воделе против бугарската фашистичка војска и полиција.
Во декември 1943, Веса е дел од едната половина од одредот предводена од командантот Арсо Пандурски, која заминува во реонот на десната страна на реката Струма, за да ги посетат македонските планински села во подножјето на Влаина и Лештенска планина, и да регрутираат нови борци.
Откако ќе имаат неколку борби и судири со бугарските фашисти и со една контрачета, во јануари 1944 Македонците ќе бидат откриени и опколени од многубројна бугарска фашистичка полиција.
Започнува неколкучасовна нерамномерна борба против фашистите.
На 29 Јануари 1944 во судир со бугарските фашисти кај селото Лисија, Горноџумајско, младата Веса Бараковска ги положува своите неполни 22 години за слободата на Македонија.
Во борбата загинува и командантот на одредот, Пандурски.
По смртта на Веса Бараковска, водачот на Пиринските партизани Никола Парапунов во нејзина чест ќе испрати писмо до сите партизански одреди, насловено како „Првата“.
ВЕЧНА И СЛАВА НА ХРАБРАТА МАКЕДОНКА ВЕСА БАРАКОВСКА!
(Подготвил: Д. Г.)