… Македонија го има зборот на ЕУ и нема да ве остави на цедило, но уставните измени мора што поскоро да се спроведат за да не се случи земјата да падне на оваа клучна пречка, порача германската министерка Аналена Бербок од Скопје. Нејзиниот домаќин министерот Бујар Османи вели дека во Унијата не се интегрира Владата, туку целата држава и дека заедно со опозицијата секој треба да ја понесе обврската.
Промената на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност, порача на 23 март министерка за надворешни работи на Германија Аналена Бербок по средбата во Скопје со нејзиниот домаќин министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи.
Бербок за промената на Уставот испрати охрабрување да се искористат сите расположливи средства за да може процесот да продолжи во наредните месеци и да не се случи да не успееме во оваа клучна препрека.
„Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа – особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура“, рече Бербок.
Таа нагласува дека преговарачка рамка на ЕУ, не е преговарачка рамка меѓу една земја членка и Македонија, па затоа Унијата стои зад таа рамка и нема да се случи да каже – не, ова нема да се спроведе.
„Ние го дадовме својот збор како ЕУ и ние ќе останеме на нашиот збор оваа преговарачка рамка така заедно да биде спроведена“, рече Бербок.
Бербок се сретна и со премиерот, а според Ковачевски, доаѓањето на Бербок е „уште еден важен момент за Република … Македонија“.
Направивме историски исчекор и ги започнавме преговорите за пристапување во ЕУ, во јули 2022 година, што означи почеток на квалитативно нова фаза во односите со Европската Унија, по 17 години од стекнувањето кандидатски статус и по бројните предизвици на патот кон полноправно членство во ЕУ, со активната поддршка на Германија, којашто особено беше клучна за време на германското претседателство со ЕУ во 2020 година. Денес таа поддршка повторно ја имаме и е од големо значење затоа што Германија ужива голема репутација и длабока почит меѓу нашите граѓани, рече премиерот за време на средбата.
Посетата на Бербок доаѓа во време кога се очекува во Македонија да го почне процесот за внесување на Бугарите во Уставот, што е неопходен чекор за да може земјата да почне да ги отвора поглавјата во преговорите со Европската унија.