топПремиерот Димитар Ковачевски вечерва на на својот профил на Фејсбук објави измонтирано видео од денешното пазарење во маркет во скопската населба Тафталиџе.
Ковачевски на снимката кажува на кои сѐ производи Владата ги замрзна цените и тоа дека „владините мерки влијаеле на намалување на инфлацијата“.
Во краткото видео го нема делот од посетата на Ковачевски на маркетот во кој скопјанка го прашуваше како да преживее со 12.000 денари месечно и која забележа дека намалувањето на цените од по неколку денари не е за фалби.
Ковачевски денеска со 15-тина камери беше пречекан во локален маркет во скопската населна Тафталиџе. Пред почетокот со пазарење ги поздрави медиумите и заборави да земе корпа за продуктите, која подоцна му ја донесоа лица од протоколот во Владата.
Ковачевски во маркетот влезе озвучен со микрофон, откако претходно беа пристигнати и фотограф и снимател.
Доаѓањето на Ковачевски во маркетот пред медиумите беше претставено како обично пазарење, а не пиар на премиерот и Владата. Случајно или не, меѓу рафтовите со „поевтинети производи“, се сретна со познаници, меѓу кои и пазарџија од кого 15 години Ковачевски купувал зеленчук и овошје, а кој се шетал низ маркетот.
– Петнаесет години само кај него купувам овошје и зеленчук, рече Ковачевски, на што тој му врати „да не ме заборавиш и сега кога си премиер“.
Откако на каса ги плати производите, а торбата ја остави надвор од маркетот, Ковачевски повторно влезе внатре и почна со прес-конференција.
Видеата може да ги отворите ПРВОТО ТУКА и ВТОРОТО ТУКА.