ЛАВРОВ: Москва сака сите мировни преговори во Украина да се фокусираат на создавање „нов светски поредок“

/ 07.04.2023

Москва сака сите мировни преговори во Украина да се фокусираат на создавање „нов светски поредок“,ја цитира француската новинска агенција Франс прес изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Лавров рече дека мировните преговори за Украина ќе бидат можни само кога ќе се внимава да се воспостави „нов светски поредок“, во кој нема да има американска хегемонија. „Преговорите ќе бидат можни само кога ќе се земат предвид руските интереси“, посочи тој. „Се работи за принципите на кои ќе се заснова новиот светски поредок. Според агенцијата, тој додал дека Русија го отфрла „униполарниот светски поредок предводен од еден хегемон“.

Од почетокот на војната, Русија тврди дека ја води борбата против американската доминација на меѓународната сцена и дека офанзивата против Украина е дел од таа борба. Кремљ неделава соопшти дека нема друг избор освен да ја продолжи офанзивата и дека не гледа дипломатско решение.

Лавров денеска за време на прес-конференцијата со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека пречките за рускиот извоз на земјоделски производи стануваат сѐ потешки и дека разговарале за она што Лавров го опиша како неисполнување на условите од Црноморскиот договор за извоз на жито.

Лавров рекол дека Русија ќе работи надвор од договорот за жито ако Западот продолжи да поставува пречки за Русија. Осврнувајќи се на вишокот на жито во Украина, кој влијаеше на цените во Источна Европа и доведе до оставка на полскиот министер за земјоделство претходно оваа недела, Лавров предложи Европа да им го даде евтиниот вишок на жито на посиромашните земји.


Од истата категорија