Љубомир ЦУЦЛОВСКИ

ЛИЦЕМЕРИЕ И АРОГАНЦИЈА
Ненавлегувајќи во вистинските мотиви на ВМРО – ДПМНЕ зошто излезе со предлог/идеја дека би се согласила со промена на Уставот, според моделот на хрватскиот, барем една работа стана целосно јасна. Паднаа маските на власта, вклучувајќи го и оној нејзин дел кој припаѓа на албанскиот партиски блок. Оние кои до вчера беа за влез во ЕУ по секоја цена, макар цената била и името на Државата, историјата, јазикот, потеклото на Македонците и сл., сега покажуваат нагласен, видлив отпор кон предлогот на ВМРО – ДПМНЕ. На пример, не би се согласиле со промената која би следела во нивниот (на Албанците) статус во Државата.

Или, за нив било неподносливо и понижувачки албанскиот јазик да се спомнува во рамките некакви 20 насто, бидејќи тоа било навредливо, макар што најбезобразно се „прашуваа“ што е толку страшно ако Македонија се преименува во северна, ако Македонците станат северомакедонци и сл. Накусо, конечно паднаа сите маски на Бујар Османи и на оние чиј експонент беше и е, од една страна и, од друга, се потврди дека она за кое сметаат дека може да се примени врз другите, не дозволуваат да се примени и врз нив, макар што (нагласувам уште еднаш) би го примениле врз другите. Така, секому стана јасно дека цело време во игра беше најгрубо лицемерие, на раб на потсмев и невидена ароганција, бидејќи тие кои беа за влез во ЕУ по секоја цена сега не се за влез во ЕУ по секоја цена. Што се однесува до Уставот, мислам дека не смее да се гиба, сеедно на околностите и намерите.