Две болнички возила од денеска попладне доби кумановската болница, потврди директорката на болницата Снежана Захариева, откако единственото возило кое го имаше болницата синоќа настрада во сообраќајна несреќа во Скопје превезувајќи пациент.
Директорката на болницата вели дека едно од возилата кое било на поправка денеска пристигнало, а второто возило дошло од Здравствениот дом од Липково. Кумановската болница кратко остана без болничко возило откако синоќа во сообраќајна несреќа во Скопје болничкото возило од Куманово имало судар со друго возило и е вон употреба. Директорката за Канал 5 вели дека со сопствени средства купиле ново возило но се уште го чекаат.
Во стабилна состојба се пациентот, медицинската сестра и возачот кои синоќа имаа сообраќајна несреќа кога амбулантно возило од кумановската болница се судрило со возило во Скопје. 56 годишниот возач со возилото „фолксваген туран“ со скопски таблици е со тешки телесни повреди. Пациентот кој бил пренесуван со болничкото возило од Куманово во Скопје е хоспитализран на Клиниката за кардилогија. Првиот човек на болницата Захариева потврди дека вработените се во добра здравствена состојба.
Несреќата се случила синоќа околу 23 часот на крстосницата бул. „Климент Охридски“и ул.„Св. Кирил и Методиј“. Кога медицинската екипа од Куманово го носеле 72 годишниот пациент во Клиниката за кардиологија, потврдуваат во МВР.