Поранешниот руски претседател и премиер Димитриј Медведев изјави денеска дека светот веројатно е на работ на нова светска војна и дека ризиците од нуклеарен конфликт растат.
„Светот е болен и многу веројатно е на работ на нова светска војна“, рече Медведев, кој моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на моќниот Совет за безбедност на Путин, на конференцијата во Москва.
Тој рече дека ваквата нова светска војна не е неизбежна, но дека ризиците од нуклеарен конфликт се поголеми и посериозни од загриженоста за климатските промени.
Тој додаде дека целите на „специјалната воена операција“ ќе бидат остварени, а на прашањето како го оценува нејзиниот напредок, тој одговори дека тоа е сложено прашање. „Можам само да кажам дека сум апсолутно убеден дека ќе бидат остварени сите цели што претседателот им ги постави на нашите војници да извршат специјална воена операција“, рече Медведев.
„Денес не се соочуваме со украинската армија, туку со целата организација на Северноатлантскиот договор и ова е навистина необјавена или специјална прокси војна, како што понекогаш се нарекува, што западниот свет ја води против нашата земја. Затоа мораме да се бориме со целото НАТО, имајќи ја предвид испораката на оружје и, да речеме отворено, обуката на украинскиот воен персонал и многу други фактори“, рече Медведев.
„Специјалната воена операција е нашиот одговор на бескрајното проширување на НАТО. И јас и моите соборци и колеги имавме некои илузии во 1990-тите дека ќе почнеме да живееме во хармонија со Европејците и САД и дека повеќе нема да бидеме непријатели и дека повеќе нема да се судриме. Сепак, сето тоа се распадна“, рече тој.