Францускиот политичар Франсоа Леотар почина на 81 година, објави францускиот претседател Емануел Макрон денеска на Твитер.
Леотар е поранешен министер за култура и одбрана во Франција, а на македонската јавност ѝ е познат како еден од двајцата олеснувачи за постигнување на Охридскиот рамковен договор во 2001 година. Леотар беше специјален претставник на ЕУ, додека другиот олеснувач беше Џејмс Пердју од САД, кој почина во јуни 2021 година.
„Франсоа Леотар ѝ служеше на државата и имаше одлична идеја за култура“, напиша Макрон.
Леотар беше министер за култура и комуникации од 1986 до 1988 година во владата на Жак Ширак и потоа министер за одбрана од 1993 до 1995 година. Тој, исто така, беше претседател на Републиканската партија.
Во 2021 година беше осуден на две години условно и парична казна од 100.000 евра за соучество во злоупотреба на корпоративен имот, а во 2004 година доби условна казна од 10 месеци за нелегално финансирање на политичка партија и перење пари.