Ученикот од седмо одделение на ОУ „Владислав Рибникар“, Коста К.(13), кој утрово застрела осум ученици и ученички, како и работник од обезбедувањето, а тешко рани шест ученици и една наставничка, со истрели од огнено оружје, нема да одговара кривично, пренесува Канал 5.
Согласно Законот за малолетни сторители и казненоправна заштита на малолетниците, К.К. е кривично неодговорен бидејќи не наполнил 14 години, соопшти Вишото јавно обвинителство. По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, таткото на ова момче В.К. (48) добил притвор до 48 часа поради сомнение дека сторил кривично дело против општата безбедност.
Претходно, увидот на лице место извршиле дежурните заменици на Јавното обвинителство на Одделот за општ криминал и на Одделот за малолетници на Вишото јавно обвинителство Белград, кои наредиле во присуство на вработени во Центарот за социјална работа од К.К. да се земе изјава и се врши лекарски преглед, по што Центарот ќе одлучи какви мерки ќе преземе во негова надлежност.
Наредено е и од К.К. да се земе крв за токсиколошка анализа, за да се утврди дали во моментот на делото бил под дејство на алкохол, дрога или други психоактивни супстанци. Се истражуваат сите околности на овој случај, вклучително и како дошол до пиштолот, како и мотивите за ова дело.
Вишиот јавен обвинител во Белград, Ненад Стефановиќ, во свое и во име на целиот персонал на ВЈТ, во оваа прилика изразува најискрено сочувство до семејствата на жртвите на децата и училишните работници, се наведува во соопштението.