Во Македонија денеска се одбележуваат 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слободна и независна Македонија, Гоце Делчев.
Бројни делегации и граѓани денеска ќе положат цвеќе и ќе се поклонат пред горобот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а предвидена е панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Цвеќе на неговото вечно почивалиште, како што е најавено, ќе положи претседателот Стево Пендаровски, како и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, во состав: Даниела Николова, Велика Серафимова Стојковска и Мерита Колчи-Коџаџику.
Во чест на учителската дејност, визија и мисија на учителот Гоце Делчев, а по повод 120 години од неговата смрт, на Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип ќе биде отворено историско катче во рамки на факултетот.
За разлика од 4-ти февруари годинава, кога на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев пристигна официјална делегација од Софија, сега такво нешто не е најавено.
На прес-конференција во Софија, на 27 април годинава, в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, рече дека не е постигнат договор со Република Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев на 4 мај, иако имало такви договори и практики во претходните години.
Поради одбележувањето на 120-годишнината од смртта на Годе Делчев, МВР од вчера воведе посебен сообраќан режим, информирајќи дека затворена за сообраќај ќе биде улицата „Самоилова“.
Револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.