По вчерашната помпезна најава за почеток на градежните работи за изградбата на контроверзната автопатската делница Прилеп-Битола од Коридорот 10д, денеска сосема спротивна слика. Овде, активностите како да се одвиваат со брзина на желка. На локацијата од каде Владата вчера го означи стартот на се’ уште непостоечкиот автопат, бидејќи нема ниту конечен проект, ниту означена траса, ниту пак се знае до каде е експропријацијата на земјиштето во плодната Пелагонија, утринава беше празно.
За волја на вистината, нешто подалеку од вчерашната локација, на едната страна, среде нива, имаше паркирано багер, а на сосема спротивната пак, во непосредна близина на фабриката Гентерм, имаше и некаква механизација и неколкумина работници. Која и каква беше нивната улога, не успеавме да дознаеме.
Инаку, како што веќе е познато, вчера, со откривањето на фамозната табла и со кревање на зелено знаменце, премиерот Ковачевски даде знак за стартување со работа на градежната механизација. Ама, механизацијата по само два часа беше повлечена од „градилиштето“. Најодговорниот пак, за овој таканаречен национален стратешки проект, првиот вице-премиер Артан Груби, порача дека овој проект сега немало никој да го запре и дека оваа иста Влада ќе била онаа која што по пет години ќе ги пресече лентите за пуштање во употреба на овој Коридор.
„Овој проект продолжува и сите влади, а следната Влада секако ќе биде истата која што е и оваа денес, ќе го заврши овој проект, ќе ги пресече лентите и сите граѓани ќе се возат по нив. Така како што демонстриравме дека е дојден крај на заложништвото и блокадата, така од денес, при изградба на вакви инфраструктурни проекти, најголеми во историјата на нашата земја, упатувам порака дека е дојдено време од денес да ставиме стоп, крај и на блокадата на нашето европско интегрирање“, кажа Артан Груби, прв вицепремиер.
Наспроти ова пак, веќе неколку дена од Европската канцеларија во земјава отврено реагираат за обидите на оваа власт со злоупотребата на европското знаменце да ги протурка измените на законите, поврзани со овој, по многу нешта скандалозен и контроверезен проект, притоа изарзувајќи и силна загриженост, што може негативно да се одрази и на нашиот пат кон ЕУ.
Инаку, автопатската делница од Коридорот 10д треба да биде готова за 57 месеци и според пресметките, за 39,3-те километри, по цена на чинење од 12 милиони евра од километар, таа би чинела околу 472 милиони евра.
Каролина Дурло за ТВ АЛФА