Нема да има нов Мајдан во Белград, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, алудирајќи на промената на власта во Украина во 2014 година и судирите на плоштадот Мајдан во Киев, откако десетици илјади белграѓани излегоа на улиците оваа недела на протести „Србија против насилството“.
Проевропската опозиција, која Вучиќ ја обвинува дека сака да ја преземе власта без избори, повика на протести против насилството на јавниот простор во понеделник и петок. Вучиќ вели дека лидерите на опозицијата се „мршојадци и хиени“ бидејќи ги повикале луѓето на протести за време на Денот на жалост по двете трагедии што ја снашле Србија.
Во две масовни престрелки, во основно училиште во Белград на 3 мај и во три села кај Младеновац, еден ден подоцна, загинаа вкупно 17 лица, а 21 лице беа ранети, од кои тројца се во критична состојба.
„Во Белград нема да има Мајдан“, рече Вучиќ од Смедерево каде денеска беше изложен дел од 13.500 парчиња различно нелегално оружје што граѓаните ги предале на покана на српската полиција од 8 мај, по две масовни убиства.
Вучиќ рече дека нема да прифати фрустрирани лидери на опозицијата, кои не можат да победат на изборите и се однесуваат како најлоши хиени“, тоа да го бараат „мислејќи дека можат да дојдат до власт со упад во некои институции“.
Тој и порача на опозицијата дека има „бесмислени соништа за Мајдан“ во Украина во 2014 година и „за 5 октомври“ кога режимот на Слободан Милошевиќ беше соборен во Белград во 2000 година, откако тој одби да ги признае изборните резултати и победата на опозицијата по повеќе од една деценија на власт.
Вучиќ, чија партија (СНС) е на власт од 2012 година со чести предвремени избори, денеска најави можност следните избори да се одржат најдоцна во септември годинава, а на опозицијата и порача дека нема да можат да бираат кои избори ќе се одржат и ги повика во собраниска процедура согласно Уставот да побараат негова оставка.