Претседателот на Бугарија, Румен Радев денеска ја искористил средбата во Софија со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, за да се жали од Македонија, пренесува Фактор.
Тој рекол дека Македонија може да напредува кон европската интеграција само со почитување на човековите права. И бил загрижен што во Скопје немало напредок во впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав како „дел од државотворните народи“.
Радев му рекол на еврокомесарот дека само благодарение на нивните меѓусебни „плодни средби и активната заедничка работа е развиена преговарачката рамка, која го отвори патот за Македонија кон Европската унија, а во исто време ја гарантира заштита на правата на Бугарите во земјата и на бугарското културно-историско наследство“. Бугарскиот претседател му рекол на Вархеји и дека имало „зголемена системска дискриминација, полициско, административно и судско самоволие кон бугарските здруженија, зголемени злосторства од омраза врз Бугарите и луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија“. Тој ја споменал и законската регулатива за регистрирање клубови. Инаку, минатата недела бугарската потпретседателка Илијана Јотова му врачи државјанство на охриѓанецот Христијан Пендиков на свечена церемонија. Тој по неколку дена во интервју рече дека во Македонија оние Бугари кои најмногу се бореле, не поседувале бугарски државјанства.