Пратениците денеска попладнево ја завршија расправата по Предлог законот за измени на Законот за работните односи, кој е дел од пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10, а гласањето ќе биде дополнително закажано.
Во текот на дебатата пратениците од опозицијата беа на ставот дека овие законски измени се спротивни на владеење на правото, затоа што, велат, законот ги поробува работниците, наместо да ги ослободува. Пратениците од мнозинството порачаа дека измените на законот се прават за поефективно, поефикасно и поевтино да се реализираат инфраструктурните проекти кои се од стратешки и национален интерес.
Според пратеничката Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ, да се работи 72 часа во текот на работна недела е директен напад на здравјето и безбедноста на работниците. Лозановска е на ставот дека Законот за работни односи е противуставен. Според неа, Владата ги гледа своите интереси, жртвувајќи ги интересите на работниците и нивните семејства.
–Во изминатите неколку денови сведоци сме како Владата по брза постапка без дебата во Собранието носи закони спротивни на голем број начела и уставни одредби. Ваквото носење на законски измени по скратена постапка со европско знаменце е насилно, криминал кој Владата го прави. Законот за работни односи е противуставен, Уставниот суд донесе одлука за укинување на оспорениот член бидејќи е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот. Таквата одлука на Уставниот суд е конечна, потенцираше Лозановска од собраниската говорница.
Пратеничката Белкиса Зеќири од СДСМ рече дека со овие законски измени се уредува дополнителната работа која ја има во регионот и во европските земји, како и работата во недела, по претходна писмена согласност на работникот.
–Вработените ќе имаат доброволна можност за работа 60 часа неделно. Вработените ќе бидат платени за секој работен час, вклучувајќи ги сите релевантни зголемувања за прекувремената работа. Со овие измени се поедноставуваат процедурите кои ќе го олеснат делувањето на терен, додаде Зеќири.
Таа напомена дека измените на законот се прават со цел поефективно, поефикасно и поевтино да се реализираат проектите кои се од стратешки и национален интерес.
Пратеничката Љубица Спасова од СДСМ е на ставот дека прекувремената работа не е експлоатација, туку вистинска можност за екстра заработка, по желба на работникот.
Според пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ, донесување на овој закон е во спротивност со темелната вредност на владеење на правото, предвидено во Уставот и оти според Законот за работни односи, работното време не смее да биде подолго од 40 часа неделно.
-Наместо Владата да објасни зошто ги предлага овие законски измени, тие сакаат да го протуркаат со европско знаменце и да нема расправа во Законодавниот дом. Носење на законски измени по скратена постапка под „превез“ на европско знаменце е насилие и криминал, кој што Груби и Ковачевски се обидуваат да го прават во името на Европската Унија, што целосно штети на интегративниот процес на Македонија во ЕУ, додаде Јованчев, посочувајќи дека, како што вели, криминалот не е европска вредност.
Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ посочи дека во предлогот на Законот не е определено колку часа ќе се одвива работата прекувремено, бидејќи тоа зависи од многу процеси. Тој ги обвини пратениците од опозицијата дека ги блокираат законите и не закажуваат дебата за проекти кои се многу важни за граѓаните.
Проектот за коридорите 8 и 10 д е историски грабеж наспроти заложбата на Владата да го претстави како историски проект од национален и стратешки интерес, истакна пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јадранка Поцкова на денешната собраниска седница.
„Договорот на Груби и Ковачевски со „Бехтел и Енка“ е скандалозен по стотина основи. Законите се поминуваат на комисија за европски прашања со европско знаме, а реакции за законите со европско знаме има од Европската Унија, Делегацијата на канцеларијата на ЕУ, евроамбасадорот, синдикатите, јавноста и стручната фела“, истакна Поцкова.
Таа посочи дека суштински не се менува ништо во овој закон од претходниот закон за работни односи кои беше во април поднесен во комисијата за труд и социјала.
„Дали е стратешки интерес на државата носењето на закони со европско знаме на грбот на работниците и при тоа да нема никакво усогласување со европското законодавство кое е спротивно на спогодбата за асоцијација и стабилизација“, посочи Поцкова.
Поцкова е децидна дека измените во законот претставуваат непочитување на одлуката на Уставен Суд.
„Предложените измени во законот за работни односи во името на јавниот интерес не го оправдуваат кршењето на уставно загарантираното право за времетраењето на работната недела а непочитувањето на одлуката на Уставен Суд е кривично дело“, кажа Поцкова.
За оваа точка, гласањето ќе биде дополнително закажано.
Собранието утре напладне ќе продолжи со работа по 115-та седница.