Неофицијалните најави во ДУИ за промени во ограноците, особено во Чаир и Сарај кои во моментов ги водат членови на „Огнената група“, според потпретседателот на ДУИ Изет Меџити, се доказ дека ДУИ е влезена во длабока анархија каде статутот на партијата не се почитува. Тој вели дека тајните состаноци во ДУИ го докажуваат недемократското функционирање. За постапувањата кои се спротивни на партискиот статут, Меџити вели дека може да се покрене иницијатива во Управниот суд со што ДУИ се доведува во опасност да остане и без статут и без структури.

„Покрај другото, ја заборавија програмата, ги заборавија ветувањата кон граѓаните, го заборавија контактот со граѓанинот, со базата и влегоа во поле на опасни бизниси каде што ДУИ којашто произлезе од војната, од луѓе со национални вредности, успеаја да внесат казино-партија или партија каде девијантните феномени на општеството се во крајност“, рече Меџити.

Неофицијално се дознава дека ДУИ подготвува избор на нови претседатели во ограноците кои важат за упоришта на Огнената група во Чаир и Сарај. За Чаир има три имиња: Адријан Муча, Абдилселам Селами и Беким Незири. За Сарај засега нема такви кадровски информации.
Потпретседателот Изет Меџити вели дека засега се прекинати сите контакти со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Што се однесува до соработката со другите опозициски партии, контактите со БЕСА и Алтернатива ќе бидат поефикасни и поприфатлива од оние на ДУИ со Алијанса и ДПА.

„Тука има една енергија, првата е во опозицијата и има опозициски дух. Второ се структурите кои во минатото немаа посериозни судири меѓу себе, додека од друга страна имаме сојуз на сили кои речиси никогаш немале ништо заедничко освен тоа што се албански политички партии, но идеолошки има случаи кои отишле до крајности, имало убиства, повреди и многу тешки ситуации. Другото е дека, ако сега ги земеме изјавите на Алијанса и ги обновиме, ќе ги ставиме и ДУИ и Алијанса во непријатна положба сега кога се заедно во извршна власт“, додава Меџити.

Меџити додава дека Огнената група е во контакт со сите албански опозициски субјекти.