Во контејнер со банани што во Грција пристигнал од Латинска Америка биле откриени 161 килограм и 23 грама кокаин, што всушност е втора пратка и поврзана со онаа од почетокот на мај кога македонската и грчката полиција во координација со американската ДЕА запленија 104 килограми кокаин и беа уапсени вкупно 14 лица во Македонија и Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што вчера објави МИА, од македонското МВР потврдија дека е во тек голема акција, но најавија дека детали ќе бидат соопштени по целосното завршување на акцијата што ја водат полициите на двете земји, координирана со ДЕА, а во која е запленет висококвалитетен кокаин во вредност од над 10 милиони евра.
Од грчката полиција денеска соопштија дека станува збор за „едно од најголемите количества кокаин откриени на грчка територија“.
Шефот на секторот за односи со јавност на полицијата во Солун Христос Димитракопулос објасни дека по запленетите 104 килограми и 600 грама кокаин на почетокот на минатиот месец, кога беше разбиена повеќечлена криминална организација и беа уапсени 10 лица во Грција и четири во Македонија, имале информации дека на атинското пристаниште ќе пристигне нова пратка со банани и скриен кокаин.
Од дополнителната истрага спроведена од полициски службеници во соработка со канцеларијата на ДЕА во Атина, властите на Македонија, Царината во Пиреа и Солун, Регионалниот тим за борба со дрога, Централното пристаниште во Солун и Центарот за Полициска соработка на Југоисточна Европа, произлезе дека на пристаништето Пиреа ќе пристигнат уште два контејнери со банани, каде што ќе бидат скриени количества кокаин, објасни Димитракопулос.
По наредба од истражен судија, пратката била запленета и пренесена на пристаништето во Солун, каде што вчера бил извршен претрес, по што било откриено дека во специјални надворешни делови биле скриени 100 пакувања со вкупно 161 килограм и 23 грама кокаин, а процените се дека фрогата е во вредност од минимум 3.200.000 евра.
За првиот случај на почетокот на мај во Грција беа уапсени десет лица, а на девет од нив им беше одредена мерка притвор.