Убеден сум дека по усвојувањето на уставните амандмани Бугарија ќе го изгуби кредибилитетот да блокира. Тоа не значи дека во текот на разговорите Бугарија или некоја друга држава не може да извади некои прашања коишто како услови ќе ги бара од нас, но за нас е клучно сето тоа да биде втемелено во европските правила, во европските стандарди, да не биде самоволно барање или еднострано барање или билатерално прашање и ние на тоа ќе инсистираме.
Ова во интервју за МИА го вели вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ на прашањето дали има гаранции дека и по усвојувањето на уставните измени Бугарија нема повторно да стави блокада за нашето членство во ЕУ.
Нашата најдобра гаранција е тоа што го пишува во преговарачката рамка, а тоа е дека во моментот на усвојувањето на уставните измени добиваме автоматски втора меѓувладина конференција, која што треба да го отвори Кластерот 1 и да почнат преговорите во тој дел, практично преговорите да заземат одреден тек, кажа Маричиќ.
Вели во наредниот период очекува дополнителна гаранција дека не може да се загрозат македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
Очекуваме во најскор можен рок, во наредните денови и недели една голема држава членка, најголема држава членка во Европската Унија да направи политички гест во својот Парламент да усвои еден вид на таква декларација за реафирмација на нашиот јазик и идентитет во контекст на интеграциите во Европа, открива вицепремиерот.
Тој со проценка дека најдоцна до 2030 ќе станеме членка на ЕУ и, како што вели, имаме навистина сериозна шанса и можност која што треба да ја искористиме да го фатиме сега овој пакет на следно проширување.
Првиот нареден момент кога ќе се отвори вратата за нови членки Cеверна Македонија да биде во новите членки. Тоа е нашата цел и сметаме дека тоа е остварливо во наредните пет-шест години, оценува тој.
На прашање на МИА кога уставните амандмани би влегле во собраниска процедура, Маричиќ вели дека тоа е можно овој месец и тоа зависи од динамиката што ќе ја договорат во рамки на дијалогот со опозицијата.
Да, верувам дека е тоа можно овој месец и што побрзо тоа подобро. Зависи од динамиката што ќе ја договориме во рамките на овој дијалог што сакаме да го отвориме. Но, Владата и СДСМ ќе бидат проактивни. Нема да оставиме да тече времето без да преземеме чекори и затоа е битно што побрзо да стапиме во дијалог и да даде тој дијалог резултати бидејќи вака само ќе испадне дека купуваме време или дека некој од политичките чинители купуваат време, вели Маричиќ за МИА.