Страшо АНГЕЛОВСКИ

На почетокот, за да нема нејаснотии во напишаното, по којзнае кој пат, ќе го преповторам мојот личен и, ставот на МААК, кој датира од денот на формирањето на партијата, значи, повеќе од 33 години. Тој е повеќе од јасен – неутрална и демилитаризирана Македонија со гаранции на Советот за безбедност при Обединетите Нации, што претпоставува развој на македонската држава по примерот на Швајцарија, без членство во воениот НАТО сојуз или европската наддржава, наречена Европска унија.

Овој став, заради лицемерието и двојните стандарди на “меѓународната заедница“, за жал, се покажа како исправен уште во далечната 1992 година, кога и покрај заклучокот на Арбитражната комисија формирана од Европската унија, а предводена од претседателот на Уставниот суд на Франција Робер Бадинтер, дека “Македонија ги задоволува сите услови за меѓународно признавање и дека името не претставува територијална закана“, “меѓународната заедница“ ја започна војната против македонското постоење. Уште тогаш, народот, а посебно оние кои се занимаваат со политика, требаше да се освестат и да го предвидат она што ќе се случува. За жал, ставот на МААК дека не треба да се пристапува во НАТО и ЕУ заради нивните двојни стандарди на штета на македонското постоење, остана осамен  и исмеван, а, се покажуваше како исправен од година во година, од притисок до притисок, од уцена до уцена, од закана до закана, до денешното ниво на самоукинување на македонската држава и македонскиот народ токму заради членство во тие отуѓени наддржавни организации.

Двојните стандарди, за жал, стануваат се’ повидливи. Па истите оние кои од нас ги бараат најболните отстапки, како што е и менување на Уставот заради влез во ЕУ, истовремено одлучуваат да престане проширувањето на ЕУ и, бараат некаков начин на колективна соработка со таканаречениот Западен Балкан, како надворешен, помалку вреден партнер. Тоа би бил максимумот што може да го добие ова западнобалканско православно-муслиманско друштво од елитниот западнохристијански клуб. Оној истиот кој веќе се наоѓа во рецесија, во деинтустријализација, во економско и политичко самоубиство заради немањето сопствени, туку лидери инсталирани од САД, сите излезени од американската “програма за млади лидери“ и, нормално, слуги на оној кој ги инсталирал.

ПОСЛЕДНИОТ ЧИН НА МАКЕДОНСКАТА ТРАГЕДИЈА

И така, мнозинството од граѓаните на Република Македонија, не сметајќи на последиците, со децении гласаат и им даваат политичка моќ (што е, секако, нивно право) токму на политичките партии кои во своите конгресни документи , кои се обврзувачки за нив, го внесоа членството во НАТО и ЕУ. Па, на тие политички партии, сопствената, лична желба за членство во “елитниот цивилизациски клуб“, секој член и гласач, поединечно, им ја пренесе како нивна обврска. И тие, политичките партии, заради пренесената политичка волја на сопствените членови и гласачи, се должни да преговараат, да бараат решенија и да одат по “европскиот пат“. Тука, за жал, нема ништо спорно и денес не треба да им се забележува.

Сега, пак, на многумина од тие кои со својата јасно изразена волја на избори, со речиси стоотстотно гласање за партиите заглавени во НАТО и ЕУ лавиринтот, им даваа ветер во грб, ова што се случува не им се допаѓа. Па, денес, секој поединечно, бара вина во секого, освен во себе и во својата НАТО и ЕУ желба да биде дел од “елитниот цивилизациски клуб“. Така некако, со политичката волја на мнозинството граѓани, пренесена на политичките партии, стасавме до овде – до безизлезот, до ќорсокакот, до лидерската средба.

ШТО ПРОИЗЛЕЗЕ ОД ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА?

Анализава што следи не е за оние кои по секоја цена, и по цена на сопствено бришење, прифаќаат се’ само да не скршнат од “европскиот пат“. Оние истите кои до скоро се “колнеа дека нема да скршнат од титовиот пат“. Тие кои ниту знаат каде, ниту зошто одат, тие кои како во песната “по пат одам, за пат прашам…“

Ова е за оние на кои “шестата колона“ им наметнува ставови, со отровно плукање врз се’ и сешто. Ова е за оние кои се’ уште веруваат во европската “иднина“ на “нашата земја“.

Со ризик дека “плукачите“, по наредба, ќе се обидат да го извртат напишаново, ќе го изнесам своето видување за ставот на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изнесен на лидерската средба:

Не навлегувајќи во негативните состојби што ќе произлезат, бидејќи со самото несогласување за безалтернативно движење по “европскиот пат“, моите ставови се повеќе од јасни, ќе се задржам на она што како, колку – толку, позитивно, можеме да го очекуваме.

Од она што можевме да го чуеме, прва придобивка би била излегувањето на ДУИ од Владата со што би се сопрел најкатастрофалниот процес во државава – процесот на грубизација и, би им се дала шанса на луѓето од таканаречената “Огнена група“, која прв пат после дваесетгодишно владеење на ДУИ, собра смелост, одвнатре да се бори против корупцијата и криминалот во грубизираната партија и општество, да има, колку – толку, рамноправни услови на наредните парламентарни избори. ( Впрочем, илјадници македонци до вчера апелираа на македонско обединување, дури и со црниот ѓавол, за да се тргне ДУИ од власт, за да денес, таквата постапка ја карактеризираат како “предавство“).

Втората придобивка би била омекнувањето на притисоците, уцените и заканите од “меѓународната заедница“, кои знаеме каков резултат ни донесоа при “триумфалниот“ влез во НАТО.

Трето, она што ни требаше и во договорот со Атина – одложено дејство на договореното се’ до рамноправното членство во ЕУ. Ова одложено дејство на уставните измени најверојатно никогаш и нема да се активира бидејќи Република Македонија никогаш и нема да стане полноправен член на ЕУ. Доколку тоа како клаузула нашата “шарм дипломатија“ го внесеше и во договорот со Атина, ќе беше зачувано името на државата и идентитетот на македонскиот народ се’ до евентуален прием на државава во ЕУ.

ШТО ТРЕБА ДА СТОРИМЕ ЗА ПОНАТАМУ?

На сите мора да им биде јасно дека проблемите ќе се мултиплицираат не со внесувањето на делот од бугарскиот народ во Уставот, туку дури потоа. Имено, по нивното внесување во македонскиот Устав, официјална Софија ќе ги користи тие стотина илјади (или уште повеќе) издадени бугарски државјанства на македонски граѓани, за да го издејствува она што ќе им следува – образование, од основно до високо на “мајчин“ бугарски јазик, културни институции на “мајчин“ бугарски јазик, внесување на бугарски владици во МПЦ – ОА според несреќниот урнек со Вранишковски, вработувања според бројот на припадници на бугарската етничка заедница… Сето тоа, нормално, со парите на македонските даночни обврзници. Па, ќе почне да доделува огромни стипендии за школување на “мајчиниот“ јазик што ќе биде примамливо за еден дел од сиромашното население, па, вработувања во јавната администрација за “Бугарите“, што ќе биде уште попримамливо (да не заборавиме дека еден број Македонци се пишуваат и Албанци за да бидат вработени, а ова ќе им изгледа уште побезболно), редица други привилегии и, ќе започне несопирливиот процес на бугаризација на македонскиот народ и македонското општество.

Затоа, на крајот, ќе го реафирмирам ставот на МААК за истовремено донесување Закон со кој ќе се укине можноста за поседување двојно државјанство, заедно со изгласување на уставните измени. Со одложено дејство и негово активирање на денот на евентуалното влегување во ЕУ и активирање на уставните измени. Така, доколку некогаш воопшто се случи да бидам демантиран и Македонија да стане членка на ЕУ, при самиот влез, ќе мора да бидат вратени оние стотина илјади бугарски државјанства (кои ионака нема да им бидат потребни на сопствениците, бидејќи како државјани на Македонија, земја членка на ЕУ, ќе ги имаат европските привилегии и без нив) и да биде оневозможена идејата на официјална Софија преку нив да изврши вештачка бугаризација на македонскиот народ и општество. Истовремено, и нашите сонародници од албанско етничко потекло ќе мора да се определат за едно единствено државјанство – македонско, албанско или косовско, па ќе ја избегнеме можноста од многуилјадно гласачко тело да се појавува во сите три држави.

Со еден збор – Закон со кој ќе се забрани двојно државјанство!!!

Ова, како Закон според европски стандарди, бидејќи Германија, Холандија, Австрија, Естонија, Шпанија, Норвешка, Латвија, Литванија… имаат такви закони.

ПОРАКА ДО ПОЛИТИЧКИТЕ МРШОЈАДЦИ

И затоа, престанете да се натпреварувате во лажен патриотизам, престанете како мршојадци да демнете над здравото македонско ткиво, за, со повик да гласа за вас, да колвате малку од здравото месо. Престанете да го черечите она малку македонско што остана, заради своја лична промоција и малку политичка полза. Не потпалувајте незадоволство со лажен “ултрапатриотизам“, туку оставете им на оние кои сакаат, знаат и умеат да бараат решение. Бидејќи, празните пароли убаво звучат, ама не нудат решение.

Македонија е домот на нашите деца, а ние само моментално живееме во него. И не смееме да им го уништиме борејќи се кој ќе ја добие “поголемата одаја“ за себе.

(авторот е претседател на МААК)