Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар денеска во Скопје изрази надеж дека политичарите во  Македонија ќе покажат мудрост и ќе ги спроведат уставните измени, кои се услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ и отворање на кластерите во преговорите. Таа на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски истакна дека патот кон ЕУ не е лесен, дека Словенија веќе се соочила со тие процеси и оти на тој пат и оваа држава морала да го смени Уставот, за што тогаш имало жестоки политички дебати во словенечкото општество.

-Да потенцирам Словенија го помина тој процес и не ни беше лесно. Дозволете ми да потенцирам и дека Словенија мораше да го смени Уставот и тогаш во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ, како ќе се изгуби словенечкиот јазик. Го променивме Уставот во член кој дозволуваше странците да купуваат и поседуваат имот. Имаше политички расправи и дебати, имаше жешки расправи од тој аспект, но успеавме во тоа, бидејќи словенечката политика беше свесна дека треба да бидеме единствени кога треба да реализираме европски проекти. Се надевам дека политичарите ќе сфатат колку е битно единството и размислувањето дека треба да се оди пет/шест чекори напред и да се сфати што е добро за македонскиот народ. Јас искрено се надевам дека ќе покажете доволно политичка мудрост и ќе го смените Уставот, порача Пирц Мусар.

Таа нагласи дека тука се и обврските кои ги има ЕУ кон Северна Македонија и дека Унијата исто така треба да го заврши својот дел од работата и да и помогне на Северна Македонија во тој процес.

Словенечката претседателка нагласи оти верува и знае дека Северна Македонија има потенцијал да влезе во Унијата. Таа додаде дека новонастанатите геополитички околности и приближувањето на Украина и Молдавија кон ЕУ нема да влијание врз тоа евентуално  Македонија да остане во втор план во однос на евроинтеграциите.

-Што се однесува до пристапувањето на Украина и Молдавија секоја земја има има право да изрази желба и да се приклучи кон ЕУ, но како претседателка на Словенија ви гарантирам дека С. Македонија нема да исчезне од дебатите, секогаш ќе биде во центарот на нашето внимание во однос на приближувањето. Словенија секогаш ќе биде ваш поддржувач и секогаш ќе ви помага, нагласи Пирц Мусар.