Државната кардиохирургија останува без раководство.Откако професорот Сашко Јовев беше разрешен од страна на министерот Меџити, Алфа дознава дека и организацискиот директор Гани Фетаи во петокот си поднел оставка. Дали и од кои причини се случило тоа, Фетаи не ни одговори. Министерот го направи скандалозниот чекор, сега кардиохирургијата, една од најквалитетните и најпрофитабилните клиники, нема управувачки тим.
Кардиохирургија повеќе од две недели е без медицински директор по смената на професорот д-р Сашко Јовев. Кога ќе биде назначен нов менаџер и од каде ќе биде дали од редовите на вработените или надвор од клиниката од Министерството за здравство не добивме одговор.
Алфа неофицијално дознава дека има неколку имиња кои би го наследиле професорот Јовев но сите одбиле да ја прифатат оваа функција.
Инаку,по разрешувањето на кардиохирургот Јовев јавноста остро реагираше. Тој добри огромна поддршка од пациенти, вработени, лекари и здруженија кои неколкупати побараа од министерот да ја смени одлуката. Меџити, пак, беше дециден дека одлуки на министер никој не може да ги промени. А решението за разрешување го правдаше со нерегуларности во работењето на професорот кои ги утврдила Комисија која пак лично ја формирал. Откако јавно кажа дека Јовев го разрешува, Меџити потоа се обиде да го омекнува револтот на јавноста нудејќи му на Јовев да му биде советник за кардиохирургија. Зошто министерот покрај толку многу сериозни и длабоки проблеми во здравството се фати прво за Јовев остана енигма. А според јавните образложенија, се мириса на политички одлуки или партиски пресметки.