Вработените во УЈП со последно предупредување до министерот за финансии Бесими. Ако до крајот на месецов не се спогодат и не го добијат додатокот на плата од 30%, вработените одат на генерален штрајк, што практично ќе значи блокирање на целата држава, известува Канал 5.
„Рокот 27 е оријентационен согласно законските одредби за сите процедури за период за помирување. Инаку би било ден два претходно или потоа за што јавноста ќе биде информирана. Сето она што е поврзано со правата и обврските на бизнис секторот и на физичките лица а треба да биде спроведено од страна на УЈП ќе биде оневозможено, што значи ќе дојдеме до прилично поголеми состојби на нарушување на функционирањето на општеството во целина.“ изјави Васе Неданоски, претседател на синдикат „СОЛИДАРНОСТ“
По протестот пред финансии – шалтерите на УЈП веќе една недела од 10 до 12 часот се затворени за странки.
А, уште една недела рок даваат и вработените во Царина, кои излегоа на предупредувачки протест во петокот. Ако не го добијат додатокот на плата од 30% за кој тврдат дека законски им следува но никогаш не го добиле, најавија радикализирање на протестите и можност за затворање на границите.
Од финансии без конкретен одговор дали ќе се исполнат нивните барања, уште еднаш го повторија ставот – само со новиот Општ колективен договор и методологија за раст на платите ќе стави ред со примањата во јавниот сектор. Преговорите со синдикатите се во тек, и очекуваат многу брзо да заврши процесот.
Револтот во УЈП и Царина, следи откако Бесими им го исплати додатокот на плата само на вработените во неговото министерство, а не и овие две институции кои исто се под капа на финансии.
Во меѓувреме Премиерот Ковачевски даде предлог на директорите на УЈП и Царина да најдат модел за проверка на имотната состојба на вработените и тоа да биде дел од процесот на усогласување на платите, при тоа, потенцирајќи дека не станува збор за ветинг.