Премиерот Ковачевски и денеска повтори дека очекува ставовите за уставните измени да се испеглаат на работните групи во Собранието. Интенцијата е работните групи да се насочат кон она што беше договорено на лидерската средба, рече тој и додаде дека очекува поддршка во парламентот од голем дел од пратениците.

„Јас се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на својот став јавно искажан од нивниот претседател професор доктор Христијан Мицкоски на прес конференцијата и дека тоа што го кажа, дека за нив е прифатливо вметнување на други делови од народот во Преамбулата на Уставот.  Со оглед на тоа дека јас верувам дека во Собранието од 120-те пратеници има огромно мнозинство кое што е за европска интеграција на државата. Таа поддршка недвосмислено доаѓа од сите наши стратешки партнери“, вели Димитар Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве гледаме сосема поинакви ставови, особено претседателот на партијата Христијан Мицкоски кој вели дека нивниот услов е уставните измени да имаат одложено дејство по членството на Македонија во Европската унија. Од партијата денеска излегоа со соопштение во кое се повикуваат на Резолуцијата на германскиот Бундестаг.

Резолуцијата во која се колне СДСМ, и порачува да се бори против корупцијата и криминалот, а никаде не се спомнуваат Македонци. Резолуцијата на Бундестагот на која се повикува СДСМ во едно е децидна, а тоа е дека владата мора да ја зајакне борбата против корупцијата, и да работи на засилување довербата во судството. СДСМ наместо да турка уставни измени под бугарски диктат, да се зафати со подобрување на состојбата во институциите, во периодот кој им остана“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот на иницијативата за уставните измени се очекува во најскоро време да помине на владина седница по што треба да биде доставен во Собранието за да се почне процедурата за интервенциите во највисокиот правен акт.