Архипастирско слово од Високопреосвештениот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј во чест на Илинден

Божествен пророче удостоен со дар пророчки, богоблажен и боговдахновен, ангел на земјата и небесен човеку Илија, изобличителе на неправедниот цар, активен сузбивачу на неправдата, дај му победа на македонскиот народ над непријателите и на душите наши милост голема!

А како може да се нарече завојувањето со соседите, освен големо разбојништво, па потем и натаму да се напаѓаат, уништуваат и прекоруваат народи, кои со ништо не ти пречат, ниту политички и економски те загрозуваат?

Политиката „направи го својот сосед – просјак (beggar–thy–neighbor policy)“ со средства што имаат тенденција да ги влошат политичките и економските проблеми на соседната држава (неефикасни макроекономски резултати — осиромашување, недоволен развој и политичка неизвесност — општа деституција), е политика што ѝ користи на државата што ја спроведува, а воедно им штети на соседите, во случајот на Бугарија против Македонија. Политиката на Бугарија кон Македонија претставува „трагедија на заедничкото добро“, трагедија на православното христијанство. „Сакај ги ближните свои како себеси “ (Мт 19, 19), значи манифестирање љубов преку границата на своето „јас“. Љубовта спрема својот народ е природно и добро чувство, но национализмот бара нељубов, непријателство и презир спрема соседите. ЕУ извршува протекционистички политики кон Бугарија, спротивно на нејзиниот енергичен одговор против: „Правда и фундаментални права, борба против дискриминација, расизам и ксенофобија и Кодексот на однесување на ЕУ за борба против нелегалниот говор на омраза на интернет“, што во конкретниот случај Бугарија го повредува целиот сноп начела на ЕУ.

Енергичниот одговор на ЕУ против неправдата (The robust response provided by the European Union) ни наликува на стриктна примена на владеење на правото, чијашто примарна цел е сузбивање на неправедно страдање макар и на едно суштество. Сепак, ЕУ на Бугарија ѝ допушти на македонскиот народ да му испрати бранови на смрт, наместо бранови на живот, односно бирократизмот на ЕУ дозволи истребување на домородците Македонци, како нивна деперсонализација, што всушност е крајна форма на дехуманизација. Оваа пракса од страна на ЕУ е нејзина трагедија на заедничкото добро – допуштање да се загрози христијанството, бидејќи со победата на Бугарија врз Македонија не ѝ се подобрува благосостојбата на Бугарија, туку ѝ се дозволува да изврши етноцид – геноцид) врз македонскиот народ. Исклучувањето на македонскиот народ е рестриктивна дефиниција на нехуманост врз нив, тоа е социолошка имплозија, поттик за негов егзодус и наезда на други религиски иноплеменици на неговата територија.

Социолошката девалвација на македноците е краткорочна придобивка за бугарите и може да предизвика ситуација во која државите постојано се одмаздуваат една против друга, со постојано зголемување на меѓусебната омраза. Кога моќта на ЕУ е применета во вид на протекционистичка политика на нејзина земја членка против земја кандидат за влез во ЕУ, тогаш војната во принцип веќе е објавена, за неа веќе сè е подготвено, духовно и материјално, и таа може да се појави во секој момент.

Недискриминирачка дискриминација; преференцијален третман на една страна во однос на маргинализирање на другата, со цел да се корегираат историските факти за постоењето на Македонски народ. Флагрантна е повредата на основните човекови слободи и права врз македонскиот народ – злосторство). Сведоштвото за вишокот сили што ѝ се доделуваат на Бугарија од страна на ЕУ, е поттик за остварување на вековната аспирација за империјалистичка волја. Тоа е демонско изопачување на Божјата промисла за вистинската мисија за самоидентификација на личноста на секој човек. Империјалистичката волја на Бугарија за деидентификација и бугаризација на македонците, е политика на неправда и таа веќе раѓа катастрофи и војни (засега вербални и дипломатски) меѓу двата народи; кои можат да бидат братски поради основот на православното христијанство (конфедерација на православни нации).

Дозволувањето на ЕУ, Бугарија да изврши уставна и законска интервенција е меѓувладино мешање (Intergovernmental interference), насилно и нелегално мешање во внатрешните работи, во законодавниот и политичкиот систем на суверена држава. Политиката на ЕУ кон Македонија е континуирано прикажување како спорна terra nullius (ничија земја), што е поттик на странските сили да ја анектираат; создаваат долгорочна можност за прекројување на границите.

Законските измени што Бугарија ги бара ќе продуцираат етно–социолошка имплозија (самоуништување) и постепено менување на свеста на Македонците, дека е бугарска. Историја што се чини дека „доаѓа од никаде“ или потекло што не може да се утврди. Таа девалвација е продуцирање недоследности преку менување на минатото. Политички изум наречен ретро–самоубиство или онтолошки парадокс на етникумот Македонец. Последица на ретрокаузалност или патување низ времето, е менување на идните настани (принуда од ЕУ за исполнување на условите) да влијаат на минатото (законска обврска за измена на учебниците по историја) и принуда да се предизвикаат себеси – самите Македонци да го спречат настанувањето на македонците во минатото.

ЕУ ги принудува Mакедонците на парадоксот на убиство на сопствениот дедо. Пример, ако човек (актуелен Македонец) патува во минатото и го убива сопствениот дедо („првиот“ Македонец), за тој да не може да стане татко на еден од неговите родители, со што се спречува нивното сопствено зачнување. Парадоксот на убиството на својот дедо се однесува исклучиво на контрадикторноста на убиството на сопствениот дедо, а со тоа се спречува раѓањето на патникот (актуелниот Македонец). Парадоксот се однесува на секое дејство што го менува минатото, бидејќи постои контрадикција, секогаш кога минатото станува различно од она што било, тогаш иднината не се појавува – дедото е убиен, а внукот нероден или парадокс на ретроактивно–самоубиство. Ако патникот (актуелен Македонец) не се родил, не би можел да го убие својот дедо („првиот“ Македонец); затоа, дедото продолжува да го раѓа родителот на патникот, кој го раѓа патникот. Ретрокаузалноста е невозможна, воопшто. Невозможен е политичкиот изум за евапорација (испарување/исчезнување) на македонскиот народ, преку правна имплантација на бугарска историја во учебниците. Македонскиот бит не е митолошки настан и тој умешно ќе администрира со трасплантаторските имуносупресиви и ќе поттикне акутно отфрлање на правниот трансплантант.

За многу години празникот на Свети пророк Илија!
За многу години Републиката, своина на народот Македонски!
За многу години опстојот на Македонија!
Честити и вековити двата Илиндена!

Митрополит Кумановско–осоговски, г. Григориј (Литургија.мк)