Дарко ЈАНЕВСКИ
Повозрасна жена, очигледно пензионерка, во аптека купува лекови. Нешто малку на рецепти, повеќе приватно. Плаќа 4 000 денари. Нешто и се стемнува лицето, потоа малку пребледува, но што е – тоа е! Плаќа без збор, додека долната усна и подигрува и едвај излегува од аптеката. Се вртам кон неа и некако сама по себе на ум ми доаѓа онаа потрошувачка кошничка на ССМ која на оваа жена и на сите други во државава им предвидела точно 821 денари за здравство месечно.
Во меѓувреме, внукот на Али Ахмети ја купува Соравиа за 30 милиони евра. Заработило детето. Млад е, здрав, па не треба да ги троши оние 821 денари од синдикалната кошничка по аптеки. Така изгледа остануваат парите на сметка. Така што, ако ве мачи прашањето зошто сте сиромашни, обвинете го вашето здравје. Не туку веднаш плукајте по политиката и политичарите. А сега, испадна и дека не ја купува, туку дека добива 39 отсто од Соравиа на подарок, вредни отприлика осум милиони евра, оти на 24 години имал претприемачки дух. Машала!
Внукот на Ахмети не е единствен пример. Синчињата на Љупчо „војводата“ и на дузина други политичари, сегашни и бивши, исто така да ти станале бизнисмени. Со претприемачки дух. Умни се децата, нема што. Тоа што вашите деца се глупави, што немаат претприемачки дух и што работат по кафулиња за 20-тина илјади денари (ако се среќни), додека студираат, не е вина на умните деца на политичарите. До вас е и до вашите деца.
Така се создава третата генерација олигарси во Македонија. Првата беа комунистичките директори кои ги украдоа фабриките создадени од народот. Втората генерација се нивните деца кои ги наследија фабриките и кои со прст не мрднаа во одбрана на Македонија од наездата што и се случи. Еве ја третата – тоа се децата и внуците на политичарите. Тие ќе ја владеат Македонија, додека во раскошните канцеларии им стојат дипломите од универзитетот на Мерко или од странство, каде ги пратиле нивните татковци одвојувајќи од устата. Тие се пателе за да студираат нивните деца, додека вие одевте на Халкидики во првите денови од јуни, за сега да имаат. Тие вложувале во своите деца, а вам, вам кој ви е виновен што сте ги фрлале парите на раскош по грчките плажи.
Добро, со плата од 20-30 илјади денари можеби и не сте живеееле во раскош, но во крајна линија, не сте вие тие кои се злопателе како нашите политичари кои вложувале во своите деца.
И немојте да помислите дека макар еден нивен денар е криминален. Не, се се тоа пари стекнати со пот и крв. Добро можеби крвта е туѓа, ама се се тоа ситници на кои не вреди да се посветува внимание. Оти кој им е виновен на тие што загинаа во 2001 година? Кој им е виновен на специјалците кои загинаа во Диво Насеље? Ја бранеле Македонија. Пих! Како и овие што се во затвор за „27 април“. Кои не знаат дека да ја браниш денес Македонија е срамота. А доблест е да украдеш колку можеш повеќе и да не даваш пет пари за тоа. Тогаш си патриот, во спротивно си националист.
Добро, може да си баксуз, ако си од вториот ешалон лопови, па да се најдеш на некоја црна листа, но тоа е мала цена што може да се плати. И поднесе.
Патем, го слушам Ковачевски, кому злобниците му подметнуваат некаков бизнис на сопругата, како рекол во Куманово дека ја поставиле Македонија „како светилник на напредокот“. Еј, „светилник на напредокот“. Го повторувам тоа зашто еве и со најдобра волја не можам да разберам дали типот е „отиден“ или и натаму го служи умот. Дека Северна, а не Македонија, е „светилник за напредокот“ на него и неговите – тоа е сосема јасно, но не сум баш убеден дека е било каков светилник за другите. За онаа обичната раја која како зомби се влече по улиците гледајќи вџашено во сметката штотуку добиена од маркет или од аптека.
Ах, да, и уште рекол Ковачевски дека не треба да го прашуваме за другите внуци, туку за неговите. И во право е човекот. Што има тој да се грижи од каде им на други внуци 30 милиони евра. Замислете, ако тргнеме така, утре некој ќе го праша и од каде и на онаа жена во аптеката 4 000 денари. Па уште ако ја прашате, сигурно ќе ви каже дека тешко се живеее и дека се во оваа држава е скапо, а најскапа можеби е умирачката, далеку била. Мислите дека тоа е наивно? Не е воопшто. Зашто, да дадеш 4 000 денари за лекови е луксуз на разгален народ кој секој ден собира пари по телефон за нечие лекување во странство или дома. Што е сосема во ред. Впрочем, зошто државата, чие водство на главата го има тешкиот товар на бизнисот на своите деца и внуци, треба сега да мисли за тоа дали има пари за лечење на секој обичен смртник, кој и онака еден ден ќе умре. А кога тоа е неспорен факт, што има тогаш да се трошат пари, кога можат преку некое дете со „претприемачки дух“ да се свртат. Оти ако ги потрошиш на лечење, тие неповратно отишле. Ако ги свртиш, како на пример преку оние што даваат брзи кредити, тогаш си ја направил вистинската работа.
Многумина прашуваат и во која фиока лежат предметите за Рамиз Мерко, коската извлечена од најмалото ребро на диносаурусот од криминал и корупција во Македонија што ја глодаме неколку дена. Мислам дека тоа е погрешен пристап. Главното прашање е од каде му се на овој народ пари да се храни и да купува лекови. И Обвинителството на Јовески со тоа под итно треба да се позанимава. Со народот. Оти од плата тоа не е. Ниту од пензија. Мора да е од корупција. Така доаѓаме до тоа дека функционерите всушност се чесни и заработиле со мака и пот, па сега уште и ги вртат парите за наше добро, а народот е корумпиран зашто не може да објасни како успева да преживее. Е кога така ќе ги поставите работите, тие си ја добиваат својата смисла. А кој знае, можеби народот успева да преживее зашто е зомбиран, а на зомбите не им треба ни храна, ни облека. За лекови ич да не правиме муабет. Не знам. Јовески треба да го даде одговорот.
А, функционерите? Нив нека ги остават на мира. Кога народот и онака ги остава на мира, макар за оние 78 отсто.