Тодоровиќ во куќен притвор, еден од осомничените недостапен

/ 01.07.2023

Четири ефективни притвори и два домашни за осомничените во случајот „Феникс“ за дел од спомениците од Скопје 2014… Едно лице пак, е се уште недостапно за полицијата…

Еден од осомничените во истрагата за случајот Феникс кој се однесува за дел од спомениците од Скопје 2014 според инфромациите и понатаму е недостапен за полицијата. Од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое ја води истрагата вчера побараа мерки притвор за седум лица, кривичниот суд одлучи за два домашни и четири ефективни притвори. На поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, му е определен куќен притвор. По излегувањето од судот, Тодоровиќ само кратко изјави дека не се чувствува виновен.

„Немам коментар сега. Не се чувствувам виновен.“

Освен Тодоровиќ, кој се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластувања за времето додека беше градоначалник, домашен притвор му е определен и на Тодор Делјановски. Триесетдневен притвор добија Владимир и Александар Здравев, Љупчо Бакев и Игор Секуловски.

Дел од партиите и денеска со меѓусебни обвинувања. Од СДСМ велат дека случајот Феникс покажал дека ВМРО ДПМНЕ како поранешна партија на власт стои зад криминалот под превезот на како што велат, таканаречениот патриотизам.

„Вчерашниот предмет е уште еден доказ дека Скопје 2014 е мегакриминален проект чија реализација имаше за цел богатење на одредена група луѓе околу Груевски. Замислете, група од ДПМНЕ перела пари, преку грбот на македонскиот народ, но и преку грбот на великанот Гоце Делчев, преку Александар Македонски, преку Цар Самоил, преку Гемиџиите. Дали по вчерашниот последен случај Христијан Мицкоски ќе поднесе оставка затоа што е лидер на криминална партија за чии функционери постојано се отвораат предмети за сторен криминал?“

Од ВМРО ДПМНЕ пак одговорија дека со случајот се дефокусира јавноста од криминалите на владејачката коалиција.

„Обидите да се дефокусираат криминалот и корупцијата на власта на ДУИ и СДС со вадење од нафталин теми од пред 10 или 15 години нема да им помогне ниту на СДС, ниту на Ковачевски. Тоа што молчат за бизнисите на Груби, Ахмети, но и за своите луѓе само покажува колку се лицемерни, а во исто време очајни и полтронски поставени пред нивниот поголем партер во владата.“


Од истата категорија