Двајца правни експерти, адвокатот Александар Тортевски, како и професорот на Правниот факултет, Гордан Калајџиев, тврдат дека никаде не пишува дека е забрането да се вее знамето од Кутлеш и дека е апсурд гонењето на адвокатот Тони Менкиновски за такво дело.

Адвокатот Тортевски вели нема никаква основа да се гони некој за веење знаме, кое е нашироко прифатено од многу граѓани, во врска со судењето на адвокатот и активист за човекови права Тони Менкиноски, кој денеска пак седнуива на „обвинителна клупа“ пред Охридскиот суд.

Менкиновски се товари за „нарушување на јавниот ред и мир“ зашто го истакнал знамето со Сонцето од Кутлеш на јавно место.

– Не сум сигурен во конкретниов случај точно која одредба е употребена, но многу е проблематично што сè се подразбира под јавен ред и мир. Од друга страна, сосема сум сигурен дека неколку стотици илјади луѓе во Македонија го имаат веено ова знаме во разни пригоди. Во најмала рака, во случајов има слективна примена на законот, зашто не може од стотици илјади луѓе само еден да се земе на одговорност, не смее полицијата селективно само него да го гони, вели Тортевски за Плусинфо.

Тој потсетува дека нема егзактен договор или забрана да се користи тоа знаме, а некои што го толкуваат неговото истакнување политички, тоа е, вели, друга работа.

– Тоа беше официјално знаме, сега е сменето, но нема закон што дефинитивно ја забранува неговата употреба, вели Тортевски.

И професор по кривично право Калајџиев смета дека употребата на знамето од Кутлеш не е регулирана со закон, па според тоа не би смеела да се санкционира.

– Со Законот за употреба на знамињата, регулирана е употребата на државното знаме и знамињата на странски држави, употребата на останати знамиња е во сферата на слобода на изразување. Исклучок се знамиња и симболи кои се изричито забранети, како фашистичкото знаме или слично, вели Калајџиев.

Договорот со Грција е проблем, но нема инкриминација на приватна употреба на знамето со 16-кракото сонце, додава Калајџиев.

Менкиновски има голема поддршка и од Македонците и граѓаните на Македонија, кои со развеани знамиња исти како тоа за кое му се суди на адвокатот за веењето на Водици во Охрид.

Видеото со поддршка за Менкиновски може да го отворите ТУКА.