Германија стои зад нас за следниот исчекор на патот кон членство во ЕУ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
– На денешната средба со германската амбасадорка Петра Дрекслер ги сумиравме впечатоците од минатонеделна успешна официјална посета на Берлин и ја пренесов пораката дека Владата и сите наши граѓани високо ја ценат поддршката од Сојузна Република Германија на демократските процеси во нашата земја, интеграцијата во Европската Унија и конкретно за спроведувањето на преговарачката рамка помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Демократските политички субјекти во земјава се наоѓаат пред неповторлива шанса да се издигнат на ниво на државните интереси и во Собранието да бидат донесени потребните одлуки што ќе ги осигураат европските перспективи на граѓаните и на нашата земја, објави Ковачевски на официјалниот профил на Фејсбук.
Тој упати благодарност до Берлин:
– Благодарност до Германија за огромното пријателство, како и за Резолуцијата усвоена од германскиот Бундестаг, со која што се изразува силна поддршка на европската интеграција на земјата и се оддава признание на македонската култура, јазик, идентитет, објави Ковачевски.