Девојче од Гевгелија инспирирано од гестот на малечката Нина Нинковиќ од Нови Сад која со продажба на крофни сакаше да собере пари за лекување на својот болен татко, прави и продава крофни и лимонада за да собере пари за лекување на болното девојче Луна Поп-Костова од Гевгелија.

Двете девојчиња од истиот град не се познаваат, но кога Марија дознала за 14-годишната Луна која треба да оди на операција во Турција и за нејзиното лекување се собираат донација, решила да помогне со продажба на крофните на штанд во Гевгелија. Луна боледува од сколиоза во последна фаза и има потреба од итна операција.

Таму вчера и денеска Марија вредно работи за помош на девојчето Луна на која и се потребни 65 илјади евра за операцијата во Турција. Засега продажбата на Марија оди успешно. Вчера на нејзиниот шанад имаше многу гевгеличани кои купуваа од крофните. Покрај Марија и уште две деца, Петар и Силвија, исто така со продажба се обидуваат да помогнат во собирањето пари за Луна.

Истовремено се отворени и телефонските броеви за донации: Телеком 143 – 103 и на А1 143 – 478 на кои може сите граѓани да се вклучат во хуманитарната акција.