Јас апелирам до надлежните во Дрисла да не го попречуваат одлагањето на сметот, бидејќи соодветно на тоа, тие треба да го прифатат истиот и да си испорачаат фактура до општините. И од она кое што јас го знам, општините се подготвени тоа да го платат, тој трошок да го сносат иако тие не се надлежни за тоа, надлежно ЈП „Комунална хигиена“, но во интерес на скопјани, во интерес на сето она кое што се случува, општините иако немаат надлежност, сакаат да помогнат во оваа ситуација и надминување на оваа состојба во која што се, за жал, доведе градот Скопје, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан од новинарите за коментар за тоа дека општините кои порано започнаа со расчистувањето на неколку дневниот насобран смет низ скопските улици, и кои отишле истиот да го одлагаат во депонијата Дрисла, биле спречени во истото.

Мицкоски се надева дека во текот на вечерта ќе бидат надминати овие проблеми и дека веќе од утре скопјани ќе може да добијат таа услуга.

„Да не ги тероризираме скопјани, фрустрацијата и егото да не бидат на прво место, туку навистина желбата да се помогне, Скопје е град на солидарноста и овој пат повторно општините во Македонија се солидаризираат со скопјани и еве како што гледате, веќе дадоа помош во механизација за да може сметот да биде одложен онаму каде што му е местото, а тоа е во депонијата Дрисла. Се надевам дека одговорните лица во депонијата Дрисла ќе бидат навистина солидарни и ќе им помогнат на скопјани сметот да биде одложен, непречено во текот ноќта да биде исчистен за утре да имаме пристојна хигиена во градот Скопје, а потоа Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да продолжи да ја испорачува услугата за која што добиваат надомест од скопјани“, рече Мицкоски и додаде:

Апелирам и до владата и до градот Скопје и до одговорните лица во ЈП Комунална хигиена да ја остават политиката на страна, да бидат над ситуацијата, да ја остават фрустрацијата и егото. Можам да ги разберам, но не можам да ги оправдам, затоа што скопјани заслужуваат чист град, хигиена која одговара на 21 век и на потребите на еден главен град.

Мицкоски ги повика да ја остават политиката на страна и приоритет да биде чистотата во градот и скопјани.

– Оставете ја политиката, дајте да го исчистиме градот срамота е ова што се случува, после тоа ќе разговараме за се, има време за политика и политиканство, има време за се друго. Сега прв приоритет треба да биде чист град и услуга онаква каква што заслужуваат скопјани, впрочем каква што тие плаќаат, рече Мицкоски.

Според него, едно од решенијата е механизацијата да биде отстапена на општините и тие иако немаат такви ингеренции самите да може да ја одржуваат хигиената кога веќе ЈП Комунална хигиена кое е под надлежност на град Скопје тоа не може да го прави.